Програмата за рамномерен регионален развој од министерството за локална самоуправа, донесе 100.000 евра во општина Карбинци. Со овие пари и кофинансирање од општината, во Радање се направи мал плоштад со повеќенаменско игралиште и пат од селото до село Оџајлија.
Градоначалникот на општина Карбинци, смета дека изградбата на малиот плоштад и повеќенаменското игралиште е од големо значење за локалното население.
„Ова е единствено игралиште во село Радање. Селото е едно од поголемите населени места, со близу 200 домакинства. Децата сакаат да се забавуваат, покрај нив и родителите, бабите и дедовците. Ова ќе биде едно катче за спорт и рекреација и дружба на месното население“, рече градоначалникот Насев.
Покрај игралиштето, се направи дел од локалниот пат Радање – Оџајлија во должина од 800 метри, како дел од програмата за специфични села.
Со финансии од оваа програма во 2018 година биле направени пристапните патишта за село Јунузлија и Парналија.
Со програмата за рамномерен регионален развој, минатата година беа издвоени седум милиони евра во сите региони и беа поддржани преку 112 проекти во целата држава.
„ За поттикнување на рамномерен регионален развој, годинава средствата се зголемени на осум милиони евра. Мислам дека на овој начин навистина сме на добар пат што ќе значи развој на целата територија, сите општини и сите населени места како Радање. Ние ќе продолжиме да ги помагаме општините и во иднина“, изјави заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески.
За последните три години, ќе бидат издвоени 20 милиони евра за поттикнување на рамномерниот регионален развој.