Куде „батко Ѓоргија“, куде тумбе, на градскиот плоштад во Куманово се одржа 14-тиот „Меѓународен тамбурашки фестивал 2018“ .

Прекрасна вечер со љубов, песни, вино и Нино, првата вечер од манифестацијата се одржа во знакот на 35 годишниот јубилеј, толку време присуство на Македонската тамбурашка сцена на Нино Величковски, кој воедно е главен организатор и директор на „Тамбурашкиот фестивал“.

„На Македонската естрада дадов многу, многу песни, музиката многу ми даде, јас и дадов на мојата публика, па еве во сабота го промовирам мојот двоен албум, ЦД насловено „Стара љубов“. Содржи триесет и пет песни за мојот 35 годишниот јубилеј. Се радувам на ова затоа што тука се сместени и нови песни кои допрва ќе ги отпејам “ – изјави Нино Величковски, организатор и директор на 14тиот „Меѓународен тамбурашки фестивал 2018“ .

Неизмерна поддршка настанот доби и од Општина Куманово и Градоначалникот Максим Димитриевски.

„Куманово е градот на боемите , градот на убави настани, убава музика, убава интерпретација, па традиционално и оваа година по четиринаесети пат го организираме овој „Тамбурашки фестивал“ со тоа што се поклопува со јубилеот на нашиот естраден уметник Нино Величковски, кој слави триесет и пет години на сцената, а јас како градоначалник на оваа Општина можам да го искажам своето задоволство дека Куманово повторно знае во одредени моменти да ги почувствува заедничките нешта со своите граѓани“ – рече Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово

Со едноминутно молчење присутните му оддадоа почит на Драгомир Шоич, еден од најдобрите Балкански тамбураши, кој на годинешниов „Тамбурашки фстивал “ требаше да настапи со два оркестри, но Куманово и Македонија од него се простија минатата недела.

Организатор на настанот е секторот за култура, поддржан од градоначалникот и Советот на Општина Куманово, Министерството за култура на РМ и фондацијата за култура и спорт – Куманово.