Општина Штип почна со редизајнирање на веб страницата за полесна комуникација со граѓаните

Општина Штип почна со редизајнирање на веб-страницата, која ќе има нова структура на содржините и услугите, со цел граѓаните да имаат лесен пристап до сите општински услуги и податоци.

Градоначалникот на општината, Сашко Николов, вели дека на овој начин ќе се зголеми ефикасноста на работењето бидејќи надлежните служби ќе ги решаваат проблемите на граѓаните во рок од 48 часа. Освен ова, граѓаните ќе имаат можност и директно да поставуваат прашања упатени до градоначалникот и Советот на општината.

-Новиот дизајн ќе биде приспособен за на прегледен и едноставен начин да се презентираат информациите од работењето, а ќе овозможува и побрз, поедноставен и поефикасен пристап до бараната информација, која му е неопходна на корисникот. Исто така, со користењето на иновативниот информациски интерактивен Систем 48 граѓаните ќе можат полесно да ги пријавуваат своите потреби и проблеми и да ја следат постапката до решавањето, вели Николов.