Започнува со изградба пешачка патека до локалитетот „Станечки Водопади“ во Крива Паланка

Со работен состанок во Oпштина Крива Паланка за воведување во работа на економскиот оператор МАЉОКУ ДООЕЛ, започнаа активностите за изградба на пешачка патека до локалитетот „Станечки Водопади“ на Козја Река во Крива Паланка.

Вкупната должина на патеката е околу 4300 метри. Изградбата е во две фази, и тоа од училиштето во с.Станци до водопадите на Козја Река познати како Станечки Водопади, каде што е предвидено и соодветно уредување на просторот и втора фаза, која што опфаќа уредување на патеката од  Станечки Водопади до локалитет Ловечка куќичка.

Освен изградбата на пешачката патека во рамки на истоимениот проект ќе биде организиран „Зелен викенд“, настан од спортски карактер како и останати активности за развој на туризмот во прекуграничниот регион.

Проектот е финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка на ЕУ помеѓу Република Северна Македонија и Србија, во рамки на проектот „Да ги поврземе бисерите“ кој што Општина Крива Паланка го имплементира во партнерство со  Лесковац и Центарот за  развој на пчињскиот и јабланичкиот регион на Србија.