Крушево е чиста и безбедна Ковид 19 дестинација.

Оваа потврда важи од денеска со доделувањето на сертификат од страна на Европскиот совет за туризам и трговија како резултат на неколкудневно испитување и истражување.

Тројца експерти од Европскиот совет престојуваа во Крушево и испитуваа колку градот е безбеден за туристите и спроведоа процес на сертификација. Крушево е потврдено како безбедна дестинација за туристите во меѓународни рамки.

„Ова значи поголема промоција, ова значи поголема препознатливост на општина Крушево како туристичка дестинација во едни изменети услови по појавата на коронавирусот. Денес најголема промоција е безбедноста на една дестинација, а ние тоа го имаме и со официјална потврда во меѓународни рамки. Се заблагодарувам на Европскиот совет за спроведувањето на процесот и изразувам задоволство што крушевските угостители, музеите, одговорните лица во манастирите покажаа дека навистина се почитуваат протоколите за спречување на ширење на вирусот и се трудат на гости да им понудат безбедна средина.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.