По непроспиената ноќ во Делчево, утрово е делумно локализиран пожарот кај Нов Истевник  кој се закануваше да го проголта Маалото Пасјак. Согласно со последните информации, кај најзагрозената населба пожарот е пресечен, спасени се куќите, но и по 24 –часа, сè уште гори кај месноста Бајаз Тепе, а опожарена е борова шума, јасика и ниско стеблести растенија на површина од 30 хектари.

 Во акцијата се вклучени над 120 луѓе. Ангажирани се и Просторните сили на Општина Делчево, ТППЕ на Делчево и М. Каменица, екипи од ЈКП „Брегалница”и ЈП Национални шуми, Граанична полиција, локално население, а од утрово во гаснењето на пожарот се ангажирани и  припадници на АРСМ.   

Градоначалникот Трајковски кој и од утрово е на опожареното подрачје, испрати апел до граѓаните да не се движат низ шумските подрачје без дозвола, заради лична безбедност и спречување натамошно ширење на пожарите кои поради високите температури и ветерот има огромна можност од појава на нови пожари.

-Пожарот кај Нов Истевник е сè уште активен. Доколку има доброволци кои сакаат да се приклучат во акцијата за борба со пожарите, можат да се пријават во ТППЕ Делчево. Општина Делчево има обезбедено доволна количина потребна опрема и алат за гаснење шумски пожари, а обезбедено е и храна и вода, порача Трајковски.

Синоќа во акција координирана од градоначалникот Трајковски, беа  евакуирани стари и изнемоштени лица од Маалото Пасјак со цел да се избегне опасноста од загорозување човечки животи.

 Инаку, од денеска стапува во сила целосна забрана за движење во шумските предели низ државава.