Денеска (26.07.2021 година, понеделник), на градските гробишта во Бутел, домашни и странски делегации положија цвеќиња пред споменикот на загинатите од катастрофалниот земјотрес во Скопје во далечната 1963 година.

Во чест на загинатите, венец положи и официјална делегација на Град Скопје, предводена од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, а составена од секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска-Мадиќ и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева. Пред Споменикот цвеќиња положи и делегација на Советот на Град Скопје, составена од советниците Бранко Георгиевски, Ирена Попова и Бојан Ивановиќ.

Со положување цвеќиња почит на жртвите во земјотресот во Скопје што се случи пред 58 години, дадоа и делегации од државниот врв на Република Северна Македонија, делегации составени од претставници од политичките партии, делегации од општините во градот Скопје, претставници од Црвениот крст на град Скопје, претставници од јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје, претставници од институции во нашава земја, граѓани, како и делегации од странство во нашава земја.

Скопје и годинава со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 58 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога градот се разбуди во урнатини под кои 1.070 лица го загубија животот, а 3.000 беа повредени.

Општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиологија денес ја организираат традиционалната крводарителска акција. Акцијата ќе биде спроведена во Дневниот центар за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.

Традиционално по повод годишнината од земјотресот, Град Скопје и јавните културни установи ќе организираат многубројни настани.

Во Музејот на Град Скопје вечерва ќе се одржи поетско читање на Организацијата на жени на Град Скопје, а потоа ќе се отвори изложбата „Колаж на еден разурнат град“.

Исто така се организираше и „Скопска аванТУРА“ – Детска едукативна прошетка низ минатото на Скопје, а почетната точка ќе биде Феудална кула кај Дом на АРМ.

Вечерва во 19 часот ќе се одржи и свеченото пуштање во употреба на новиот Кеј 13 Ноември, кој ќе биде проследен со настап на Градски дувачки оркестар и изложба на отворено „Сигналитика на централното подрачје на Скопје“.

Во Национална опера и балет во 20 часот, како дел од Скопско лето, ќе се одржи балетската претстава „Сви марш на плес“.

Програмата за одбележување на 26 јули ќе биде заокружена со централниот настан во 21 часот во Градскиот парк, каде што ќе се одржи концерт на Филхармонија на РСМ и „Архангел“, насловен како „Филхармонија и Архангел за Скопје“.