По една година пауза Филхармонија на отворено повторно во Градскиот парк. Овој пат во рамките на одбележувањето на 58 годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 25 јули во 21 часот во Градскиот парк ќе се одржи концертот насловен „Филхармонија и Архангел за Скопје“.

„Ми претставува чест и задоволство да најавам дека 58-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје ќе ја одбележиме со концерт на оркестарот на Филхармонија на отворено во Градскиот парк. Во понеделник во 21 часот ќе имаме можност да уживаме во музиката на култниот скопски и македонски бенд Архангел во автентична оркестрација на Џијан Емин, кој воедно е и диригент на концертот. Станува збор за една исклучителна можност да се чујат безвременските песни на Архангел како еден од најзначајните македонски бендови во изведба на Филхармонија и Ристо Вртев, фронтменот на Архангел“, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој додаде дека културата одсекогаш било нешто што не разликувало од останатиот жив свет.

Фронменот на групата Архангел, Ристо Вртев за себе ќе каже дека не се смета за рок музичар туку како автор на песни, а за концертот со Филхармонија вели дека е големо достигнување за еден музичар.

„Јас не сум пејач, туку автор на песни. Тие можете да ги облечете или како за на бал или во клошарска облека. Кога ги пишував песните, не се гледав во нив. И сега, кога ги слушам во овој звучен амбиент, некако се најдов во нив“, рече Вртев.

Диригентот Емин Џијан вели дека е фан на групата Архангел и дека на 26 ти вечерта во Градски парк ќе биде заедно со публиката. Тој се потсети дека неговата прва соработка со групата била во 1998 година како клавијатурист.

„Во понеделник и покрајтоа што ќе бидам дел од изведувачите јас сум фан на Архангел, така што ќе бидам и дел од публиката и тоа ќе биде најголемо уживање за мене. Драго ми е што идејата ја прифатија и Филхармонија и Град Скопје и не поддржаа несебично во овој настан“, рече Емин.

Концертите на отворено кои Град Скопје секое лето ги организира со Филхармонија во Градскиот парк и ги насловени како „Филхармонија на отворено“, се претворија во вистинско летно уживање за скопската публика која секогаш е гладна за квалитетни музички содржини.