За седум дена Ј.П Исар исчисти три хектари површина со ѓубре, насобрано не во депонијата туку пред локацијата на штипската депонија. Вклучени биле и двете штипски претпријатија а во расчистувањето на отпадот била побарана помош во механизација и од штипски градежни претпријатија.

Според директорот на Ј.П Исар, Здравко Коцев, огромното количество на отпад било складирано подолг период и наместо во депонијата и граѓаните и Ј.П Исар го истурале ѓубрето на овој простор.

„ Нашата идеја е веќе да не се дозволи овој простор повторно да се наполни со ѓубре. Тука ќе насадиме зимзелени дрвца, ќе ги одржуваме а тука има и земјен пат кој што води до селото пенуш и кој сега слободно ќе може да се користи,“ информираше Коцев

За да се зачува овој простор таков каков што е сега , од ЈП Исар најавија изградба на влезна капија, така што нема да може повеќе да се влезе ненајавено.

„ Завршен е тендерот за физичко обезбедување и во овој дел нема повеќе да може да влезе ненајавено и нерегистрирано. Порано тука имаше луѓе кои во овој простор ги пуштаа своите свињи од околните фарми, а многу луѓе тука собираат хартија, железо , пластика. Тие порано и намерно ја палеа депонијата, понекогаш имаше и самозапалување. Планираме и втора фаза во која целиот овој простор ќе го покриеме со земја. Целата оваа активност со земјата и тендерот за багерот ќе чини околу 2,5 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на јавното претпријатие,“ додаде Коцев.

 Според градоначалникот на општина Штип, Сашко Николов неисчистената депонија била лош пример на чување на животната средина и најави дека комуналните инспектори и редари постојано ќе бидат на терен и во сите реони и будно ќе се следи непочитувањето на законот, особено неконтролираното фрлање на отпад од градежни активности .

„Следно што ќе правиме и ќе го донесеме како одлука на Советот е секоја градежне активност што ќе се врши во било кој дом, на било која приватна парцела каде што треба да се гради, фрлање на отпадот  без одобрение на општината , нема да може да се врши. Шутот кој што ќе се продуцира од самата градежна активност мора да биде пријавен во општинските комунални служби, за да имаме увид дека тој отпад ќе биде складиран навреме. Нема да има движења на трактори и камиони со шут и отпад нерегистрирани и непријавени во инспекциската служба, бидејќи тоа е единствениот начин  како можеме да го канализираме, анализираме и контролираме шутот и отпадот што се создава и се расејува насекаде низ градот,“ образложи штипскиот градоначалник.

Непочитувањето на одлуката која што допрва ќе треба да ја донесе Советот, ќе биде санкционирано според правилникот кој што ќе го уреди општината.