Да се биде градоначалник на Општина Крушево од една страна е предизвик, но од друга страна одговорност, посебно што станува збор за општина со историско минато, општина со култура и традиција. Го прифатив предизвикот од Крушево да направам едно поинакво и поубаво место на живеење, привлечна и примамлива дестинација за сите четири сезони, за туристите, за посетителите, за жителите, вели во видеоинтервјуто на Моја општина, градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски.

Христоски додава дека како мала општина располагаат со многу мал и скромен буџет и поради тоа главно се насочени кон фондовите, државни и меѓународни. Засега  успеваат  и добиваат средства од овие фондови и главно тие финансии се насочуваат онаму каде што ќе се овозможи повеќе раст и развој на туризмот, но и решавање на потребите и проблемите на жителите на општината. И иако децентрализацијата не е влезена во следна понапредна фаза, кога локалната власт ќе има многу поголема надлежност и овластување, сепак со добра соработка со централната власт, проблемите се решаваат тековно, па и оние кои што во градот не се решавани со години и децении.

„Кога станува збор за децентрализацијата повеќе треба да се координираме и ние како служба, како локална самоуправа и она што значи централна власт, заеднички да ги решаваме проблемите, а не да ни диригираат како што беше во минатото од Скопје и од таму да се кажува кои проблеми ќе се решаваат. Треба да биде онака како што сакаат граѓаните, да се решаваат нивните потреби. Ние изработивме повеќе од 30 проекти, но и денес зборуваме за недостаток на вода за пиење, канализациони мрежи, инфраструктура, за проекти кои долги години не се решавани. Ние имаме спортски објекти, а да стигнеме до нив требаше да газиме буквално кал до колена. Сега тие проблеми заедно ги решаваме во дослух со Владата“, вели Христоски.

Според Христоски, без развиени села нема развиен град и вели дека во Крушево не се развива само туризмот, туку се решаваат и проблемите на граѓаните.

„Започнавме со нашите предизвици и она што граѓаните го бараа – изработка на резервоари за вода и почнавме од најмалото место, во село Белушино. Изработивме проекти и ги имплементиравме  во повеќе населени места – резервоари, водоводни мрежи, пристапни патишта. По 40 години го реализиравме заедничкиот проект за патно поврзување со општина Долнени, реализиравме и реконструиравме патна инфраструктура во градот од пет километри, а во целата општина околу 50 километри. По барање на фановите на нашата музичка икона Тоше Проески го направивме конечно неговиот вечен дом, онака како што доликува, реконструирана е спортската сала на Гумење, која што сега се користи за висински спортски подготовки, комплетно е реконструирано Горното градско училиште, сега со нова функција – Младински културен центар. Тука е инсталирана опрема за кино сала и театарски претстави. Крушево станува и еден од трите светски дестинации за палаглајдерство и змајарство во Светот. Тука се одржа светското првенство за палаглајдерство, а домаќин е и на седум меѓународни натпревари. Своите државни првенства по палаглајдерство тука ги оддржуваат Англија, Словачка, Словенија, Германија..“, додава Христоски.

Тој вели дека има одлична соработка со Советот на општината. Како споменична целина и историски град, општината има и големи административни, бирократски проблеми во реализацијата на проектите што ги имплементира и легализацијата.

„Иако Крушево е споменична и заштитена целина, ние успеавме да издејствуваме преку Министерството за траснпорт и врски средства за урбанизација  на Крушево и преку ИПА фондовите обезбедивме урбанизација на сите населени места. Буквално се градеше во населените места кој како сака и како знае и умее. Ќе бидат стопирани сите градежни активности, да нема дивоградби и ќе се потрудиме сето тоа да биде плански направено и да предвидиме локации каде што ќе се гради. Ќе се обидеме  преку изработени урбанистички планови да ги исправиме сите грешки посебно во делот на дивоградбите, тие да се легализираат, но така како што треба, заедно преку јавна дебата со граѓаните.

Во врска со она што би требало да го направи идна централната власт и идната нова локална власт, градоначалникот Христоски смета  дека ако сакаме Крушево да се развива во туристички центар, мора да имаме брзи и проодни патишта, она што го бараат туристите и посетителите.

„Сите странци кога доаѓаат прашуваат колку е одалечено Крушево до најблискиот аеродром за да полесно и побргу да стигнат до своите земји. На тоа ќе треба да бидеме насочени во наредниот период“, додава Христоски.

Споредувајќи ја градоначалничката работата со она што претходно го работеше, полициски инспектор, Христовски вели дека од една структура како МВР, хиерархиски поставена и систем на кариера се сопнал на крутата администрација и бирократија.

„За жал бирократијата ни е на едно лошо ниво и моравме да се привикнуваме на новите насоки кои што ни се наметниваат. Има многу разлика и моравме да се привикнуваме . Oд почетокот бевме брзи, пооперативни, сакав да се решаваат работите, проблемите, меѓутоа имавме рокови. За еден проект да се изработи  треба рок, а ние не сме научени да чекаме, исто и граѓаните. Ние сакаме патот да го видиме трасиран и направен. За да дојдеме до реализација на тој патен правец, мора да помине одредено време, шест месеци, година. Крушево е заштитена зона, споменична целина, па за одредени патишта за да ги реализираме, чекавме три години. Заедно со централната власт мора да ги ослободуваме мерките, за да може да се вложува во Крушево.“ вели Христоски.

Сега актуелниот градоначалник, размислува за уште еден градоначалнички мандат. Вели дека ја има поддршката од своите сограѓани, како и од сопартијците. Ја има поддршката и од семејството.

„Градоначалничката функција бара 24 часовна достапност. Мора да се жртвуваме и ние како политичари но и семејството. Засега имаме баланс и компромис“, вели Христовски.

Целосното видео интервју можете да го проследите во продолжение.