Во Градскиот  парк  на Школка,  Градоначалникот Шилегов денеска им додели  решенија за парично наградување и  благодарници на највисоко рангираните ученици и на нивните ментори, како и благодарници за  здруженијата, сојузите, друштвата, асоцијациите за успешно реализирани скопски регионални натпревари.

„Денеска ги наградуваме регионалните скопски шампиони, сакам да ја искажам мојата благодарност до менторите, до акредитираните здруженија и до вас учениците што партиципирате во оваа успешна приказна. Вашата сила ученици најмногу лежи во вашето знаење и во вашето познавање. Продолжете по тој пат, затоа што само човек со високи познавања, само човек со високи дострели и цели во животот е човек кој е самостоен и ќе може да се справува со предизвиците во животот, а верувајте дека учењето е еден од најлесните предизвици со кои ќе се соочите во животот“, истакна Шилегов.

Традиционалниот  проект „Училиштето – место за натпревар во знаење“ е дел од Програмата за активностите на Град Скопје од областа на средното образование во 2021 година. Соработката со здруженијата е остварена преку потпишување на Меморандуми за соработка помеѓу Град Скопје и секое здружение поединечно.

Поддршката е наменета за учениците, средните училишта на подрачјето на Град Скопје и здруженијата кои се учесници на натпреварите на локално ниво за  повеќе наставни предмети, а со цел поттикнување на натпреварувачкиот дух и продлабочување на знаењата на учениците во различни области преку нивна промоција и наградување.

Оваа година согласно актулента состојба и согласно сите пропишани протоколи, се реализираа 7 скопски регионални натпревари по: математика, географија, информатика, биологија, француски јазик и англиски јазик.

На доделувањето на наградите на највисоко рангираните ученици и на нивните ментори, како и благодарници за  здруженијата, сојузите, друштвата, асоцијациите за успешно реализирани скопски регионални натпревари присуствуваше и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.