Проширување и реконструкција на булеварот „Борис Трајковски“ кон населба драчево најави скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, како дел од летната градежна офанзива.

На потегот со вкупна должина од 2.325 метри од крстосницата кај Пинтија до мостот на Маркова река ќе биде извршена целосна замена на стариот асфалт со нов, ќе има проширување од две на четири коловозни ленти, пешачки патеки од двете страни на булеварот и велосипедска патека од едната страна. Она на што граѓаните од овој дел на градот највеќе ќе се радуваат е најавата за кружен тек на крстосницата пред мостот кај Драчево со дијаметар од 20 метри.

Градоначалникот Шилегов, потенцираше дека булеварот „Борис Трајковски“ е една од артериите на главниот град и по него гравитираат педесетина илјади жители на кои ќе им биде олеснето циркулирањето до централното градско подрачје.

„Дополнително, на булеварот Борис Трајковски, на делот што сега го работиме, ќе биде поставена нова канализациска мрежа – и атмосферска и фекална. Изградбата планираме да трае неполни две години, бидејќи овде имаме и експропријација и отстранување на оградите. Градежните работи ќе чинат 212 милиони денари без ДДВ, средства кои се предвидени во Буџетот на Градот Скопје“,рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи на овој значаен булевар.

Тој додаде дека во текот на оваа градежна сезона ќе се градат или реконструираат 11 градски сообраќајници, во неколку скопски општини.

„Ова всушност е почеток на летната градежна офанзива на Град Скопје, па ги замолувам граѓаните да имаат трпение додека се вршат реконструкциите. Ќе бидеме брзи како и секоја година, што всушност стана препознатливост на оваа градска администрација и моја, како градоначалник. Да ги почитуваме сообраќајните режими бидејќи новата и квалитетна инфраструктура е гаранција дека Скопје чекор по чекор станува една поинаква приказна, дека Скопје чекор по чекор заличува на европска метропола“, нагласи Шилегов.

На почетокот на градежните работи за проширување и реконструкција на булеварот Борис Трајковски, на потегот од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова река пред Драчево, присуствуваше и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.