Делегација од градот Електростаљ од Московската област на Руската федерација, престојиваше во неколкудневна посета на општина Струмица. Посетатата започна во градинката „Детска радост“ каде што претставниците на градот Електростаљ подарија фотографии и книги. Гостите ја посетија и библиотеката „Благој Јанков Мучето“ каде што донираа 300 книги.

За време на престојот во Струмица, домаќините и гостите одржаа и неколку официјални средби на кои со нови предлози и идеи ја зацврстија соработката која беше воспоставена во 2013 година со потпишувањето на Спогодбата за збратимување и пријателство помеѓу Електростаљ и општина Струмица.

На средбата со вршителот на должноста градоначалник, Костадин Костадинов и неговите соработници, посебен акцент беше ставен на туризмот и двете страни ги разгледуваа можностите за реализација на првите туристички чекори. Гостите, кои досега неколку пати престојуваа во општина Струмица го нагласија задоволството од нејзината туристичка понуда, а градоначалникот Костадинов, ја потенцираше подготвеноста на Општината и нејзините расположливи капацитети за прифаќање на туристите од Московската област. На средбата се разговараше и за поголемо активирање на економската соработка, бидејќи за неа и од двете страни има и голема желба и можности. По повод Денот на ослободувањето на Електростаљ од фашистичките окупатори, во летниот амфитеатар беше одржан и концерт од страна на двете вокални солистки кои беа во делегацијата на Електростаљ.