Водата за пиење да не се користи за наводнување на градините и пластениците, апелираат од штипското комунално претпријатие „Исар“.Откако жителите од повисоките зони на приградската населба Караорман викендов останаа без вода за пиење, од ЈП Исар денеска излегоа на терен, да видат кои домаќинства во големи количини питката вода ја трошат за наводнување.

Според анализите кои денеска директорот на претрпијатието, Здравко Коцев, ги спомена, констатирано е дека во оваа населба се трошат енормни количини вода.

– Дневно се троши некаде околу 500 до 550 метри кубни вода, што е енормно високо за една таква населба. Анализите покажуваат дека овде водата освен за лични потреби, со кражба се користи и за наводнување на посевите и оранжериите, па се јавува проблем со водоснабдувањето, особено во погорниот дел на населбата. Луѓето треба да сфатат дека оваа вода е скапа, озонирана е и хлорирана, до таму патува низ водоводни цевки, стигнува до нив и исклучиво треба да се користи за пиење, одржување лична хигиена и нормално за наводнување на ситни тревници, истакна Коцев.

Голем проблем е и што дел од граѓаните од оваа населба всушност и не плаќаат вода, па до ЈП Исар одовде има и неплатен долг за вода од над милион денари . Директорот апелира водата да не се злоупотебува за правење бизниси и доколку граѓаните решиле да одгледуваат свои посеви, да почнат редовно да си плаќаат.

– Во Караорман се наоѓаат поголем број екипи кои вршат контрола на водомерите и доколку се установи дека има кражба, сторителите можат да се соочат со казни од една до три години, потенцира Коцев.

Ситуацијата не е многу подобра ни на улиците „Радански пат“ и „Косовска“, каде жителите неконтролирано ја користат водата па таа тече и низ улиците. Граѓаните овде се приклучени на диво, немаат водомери и не плаќаат сметки.