Пред споменикот на Гоце Делчев на градскиот плоштад, денеска, општина Струмица ги одбележа двата Илиндена, 114 години од Илинденското востание и 73 години од Првото заседание на АСНОМ. За значењето на овие два значајни датуми од македонската историја, зборуваше вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.

Ден на Републиката, колку тоа убаво и гордо звучи.  Тоа е денот, кој со радост го носиме во нашите срца и души, голем ден кој живеел,  живее и ќе живее во вековниот споменар на генерации и генерации македонски граѓани. Живеел тој споменар во оние кои повеќе ги нема, живее во сите нас кои не има, а ќе живее и во оние кои допрва ќе се родат, а ќе бидат возљубени чеда во Македонија, како своја родна грутка. Ден убав, ден значаен, ден на деновите – Илинден. Денес, на овој 2. Август, повторно ги славиме нашите два Илиндена одбележувајќи 114 години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската република како прва Република на Балканот, и 73 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ. Еве сме повторно собрани пред споменикот на најголемиот македонски син Гоце Делчев, да ја споделиме меѓусебно радоста за  почитта кон светлото минато на нашата татковина и мајковина – Македонија и вечниот нејзин стремеж за опстој во времето и просторот, и верноста кон традицијата пренесувана од колено на колено, од татко на син, од дедо на внук. Чествувањето на Двата Илиндена, е всушност освежување на историското сеќавање за двата грандиозни датума од македонскиот времеплов кои најсилно го осведочуваат вековниот стремеж на Македонецот за остварување на своите национални, политички и социјални слободи и права, и реализација на сонот за самостојна и независна држава. Тоа беа историските настани и увертири  кои  ја најавија  нашата осмосептемвриска  одлучност  од пред неполни 26 години, кога вековниот сон за самобитност  стана јаве, рече Костадинов.

Пред споменикот на Гоце Делчев беше положено свежо цвеќе, а членови на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа револуционерна поезија.