Банката за храна во рамки на проектот „Нула глад во Општина Штип“ денеска ја организира првата акција за донирање на осумдесет пакети храна и средства за дезинфекција на социјално ранливи семејства.

-Ова е прва активност на банката за храна во Штип, како дел од соработката со општината, Солидарниот фонд на општината и „Храна за сите – Скопје“. Сакам да ве информирам дека во иднина најмалку еднаш неделно ќе организираме акции за донирање на храна на социјално најзагрозените семејства во Штип, рече градоначалникот Николов, потенцирајќи дека оваа акција е дел од национална кампања, потпомогната од ЕУ, која ќе се организира во 20 општини во државата.

Градоначалникот испрати апел до бизнис секторот и прехрамбената индустрија, да се вклучат во акцијата и да ги збогатат пакетите за социјално загрозените семејства.

Претставникот на Солидарниот Фонд – Штип, Боби Шарковски, вели дека идејата на Банката за храна е сите луѓе да добидат барем малку од храната што им недостига, а списоците во соработка со Центарот за социјална работа, постојано ќе се обновуваат.

-Би можел да кажам дека кај нас критериумите се доста широки, единствен критериум е лицата да се приматели на социјална помош и лица во социјален ризик. Заедно со Центарот за секоја акција правиме проценка на кого најмногу му е потребна храна и на тој начин донираме, но идејата е да дојде до што поголем број корисници, рече Шарковски.

Граѓаните, освен со донација на храна, може да се вклучат во акцијата и да помогнат во пакувањето и дистрибуцијата на обезбедената храна.

Просторот засега се наоѓа на Булеварот ЈНА бр. 5, а заинтересираните граѓани можат да го исконтактираат и Шарковски во Солидарниот Фонд.

Претседателот на Банката за храна во Македонија, Душко Христов, вели дека најтешкиот дел не е да се обезбеди храната за донирање, бидејќи имаат помош од компаниите, туку да се среди и спакува.

-Без локалните институции банките за храна нема да функционираат. Од вчера во сите 20 општини во Македонија, 2000 семејства ќе добијат вакви пакети. На дневна основа во Европа банките за храна помагаат околу 12,8 милиони луѓе, а овде на дневна основа се помагаат над 300 лица, а досега над 1075 фамилии во четири града имаат некаква помош од нас. Тоа е отприлика помеѓу девет и 13 тони храна, колку имаме донација, толку и донираме, вели Христов.