Почнувајќи од денес, 17 мај, па во следните три месеци, скопјани ќе имаат можност да вежбаат и да се рекреираат на отворено секој работен ден, по 18 часот, на различни локации на јавните површини и паркови во Скопје. Ќе се вежба аеробик, пилатес, фитнес, зумба, спортска јога, атлетика и друго.

Можноста граѓаните бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено е дел од проектот „Скопје вежба“, кој го спроведува Град Скопје во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Проектот има за цел да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма.

Кај „Школка“ во Градски парк, денес граѓаните ќе можат да вежбаат моторика, гимнастика, бокс и аеробик, а паркот зад „Три Бисери“ е наменет за љубителите на јога. Во паркот во Ѓорче Петров ќе се практикуваат аеробик/пилатес, моторика и голф, додека пак во Чаир на спортското-рекреативно мени ќе се најде фудбалот.

Граѓаните на сите локации ќе бидат придружувани од тим од стручни лица од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

За дневниот распоред на вежби и локации во текот на месеците мај, јуни и јули, граѓаните можат да се информираат на интернет страницата на Град Скопје: www.skopje.gov.mk, како и преку социјалните мрежи на Град Скопје.