Втора година по ред фудбалерките на женскиот фудбалски клуб „Каменица Саса“ се државни шампионки. Тоа се 24 сениорки и уште 30-тина од подмладокот, кои делат еден терен заедно со уште 350 фудбалери од машкиот тим и помладите категории. Девојките секој ден поминуваат по близу два часа на тренинг на Градскиот стадион, делејќи го со останатите фудбалери во исчекување на најавената реконструкција. Градскиот стадион, така како што е изграден пред педесетина години, само еднаш е реконструиран. Шампионската титула фудбалерките ја дочекаа со најава од Општината Македонска Каменица дека започува реконструкцијата на трибините, по што ќе бидат поставени 1500 столчиња од ФФМ.

Тренерот на женскиот клуб, Зоран Златковски смета дека иако градот е мал, има многу спортисти, кои бараат услови за тренинг.

-За еден фудбалски клуб потребни се два до три терени, зависи на кое ниво е клубот. Ние реално во Македонска Каменица, како што сме мало место, имаме доста спортисти, особено фудбалери. Ги имаме скоро сите услови што се потребни за едно прволигашко ниво. Покрај двата фудбалски терени, имаме сала, теретана на располагање, сега очекуваме и трибините да ни бидат реновирани и се надеваме по оваа пандемија да се вратат навиачите на трибините и атмосферата на стадионите да биде како што треба, вели Златковски.

Реконструкцијата почнува од трибините, меѓутоа, како што вели претседателот на машкиот фудбалски клуб, Климент Ѓеорѓиевски, треба и обнова на теренот, но и заокружување на целиот комплекс со градскиот базен во спортски центар.

– Не само трибини, на овој стадион му треба целосно реновирање. Нормално, трбините се битни за да има комоција кај гледачите, меѓутоа, освен трибини убаво е да се направи целиот спортски комплекс заедно со овој главен терен, позади него има помошен терен, каде што главно тренираат екипите. Исто така да се направи тој спортски комплекс поврзано со градскиот базен и на тој начин да се создадат супер услови не само на фудбалерите, туку и за сите спортисти во градот, кажа Ѓеорѓиевски.

Општината Македонска Каменица, која е спонзор на двата клуба, веќе почна со постапката за реконструкција на трибините. За општината, како што вели градоначалничката Соња Стаменкова  е важен интересот што младите го имаат кон спортот.

-Исклучиво ме радува тоа што во склоп на сите активности претходно за уредување, опремување на спортски терени и сали, ова ние е продолжување на вложувањето во спортот, со тоа што преку ФФМ имаме добиено 1500 столчиња, кои по реконструкција ќе бидат поставени на трибините, рече Стаменкова.

Клубот постои само четири години, а веќе две години по ред е на врвот на македонскиот женски фудбал. Македонските шампионки во фудбал се од Македонска Каменица, од каде доаѓаат повеќето членки на клубот. Само осум фудбалерки од вкупно 24 во првата постава се од други места. Дел од девојките имаат и по седум – осум годишна кариера во женскиот фудбал.

Капитенката на клубот, Моника Георгиева веќе седум години игра фудбал и вели дека го менуваат митот дека фудбалот е машки спорт.

-Од почетокот не беше лесно, бидејќи фудбалот го сметаат за машки спорт, меѓутоа, ако сте присуствувале на натпревар на женски фудбал, можете да забележите дека доста слично се игра. Не е дека нежно се игра, туку доста груба игра се покажува. Добро е да се игра било кој спорт, пред се’ добро е и за здравјето, тука е тој натпреварувачки дух, да има големи дербиа, да се покажуваат добри резултати, рече Ѓеорѓиева.

Од Делчево секој ден на тренинг патува Ана Димитрова, која заедно со останатите фудбалерки ја мотивира шампионската титула. Сепак, важни се условите за тренинг, бидејќи работата води кон успехот.

-Фудбалот во секој случај би го препорачала, затоа што тоа е една многу здрава, убава, колективна игра и преку неа може да се осеќаш убаво и кога ќе постигне тимот гол, тоа е едно неописливо чувство, кое мислам дека секој треба да го доживее. Треба да има пред се’ мотивација за работа, да се влоѓи доста труд и талентот е на последно место. Ние тоа што го постигнавме, го постигнавме со многу работа, изјави Димитрова.

Моника и Ана имаат по 26 години и активно се занимаваат со фудбал, во Македонска Каменица каде живеат две девојки со А и Б тренерски лиценци. Се надеваат на отворање на натпреварите за публика на новите реконструирани трибини на Градскиот стадион, а со тоа и доаѓање на менаџери, вклучувајќи ги и тие од странство, кои се во мисија на привлекување на таленти за странските екипи. Добар пример им се Наташа Андонова, која игра професионален фудбал во Шпанија и Гента Рочи фудбалерка, чија кариера продолжи во Финска.