Сувоземно-пловен багер – „Амфибија“ за собирање на пластичен и зелен отпад (бујна вегетација) во Зоната на одржливо користење на Дојранско Езеро, набави општина Дојран.

Инвестицијата е во согласност на Планот за управување и годишната програма за заштита на природата на Дојранското езеро.

Набавката на возилото финансиски е овозможена од Европската Унија во рамки на Проектот Интегриран систем на управување со екосистемот на Дојранското Езеро.

„За прв пат во нашата држава е набавено вакво возило ,,Амфибија” – багер на вода, кое ќе служи за подобрување на квалитетот на водата во Езерото,“ информира градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов.

Општина Дојран работи и ќе продолжи да работи во насока на подобрување на квалитетот на водите на Дојранското Езеро, овозможувајќи им на граѓаните да го остварат своето загарантирано право на здрава животна средина.

Со проектот од грчка страна се изврши уредување на каналот кој со години беше запуштен со што се очекува да се регулира и нивото на водата во езерото.