Реконструкција на влезот и пристапните улици во ургентниот центар на болницата ЈЗУ Градска општа „8 -ми Септември“ – Скопје, на површина од 2.400 м2, а проценета вредност на донацијата изнесува 2.356 денари без ДДВ, е една од главните точки на денешниот состанок на Советот на Град Скопје, за донација на градот.

„Оваа одлука е од исклучителна важност, бидејќи со истата се подобрува пристапноста до ЈЗУ Градска општа болница „8-ми Септември” којашто уште од почетокот на пандемијата функционира како ковид центар. За потсетување, минатата година, Градот Скопје изврши серија на реконструкции и изградби во Клиничкиот центар – Мајка Тереза, односно изгради посебен влез за возилата на итна медицинска помош, се изработи нов влез кај Инфективната клиника, се проширија влезовите кај Клиниката за стоматологија и на влезот на улица Белградска над Клиничкиот центар, а се реконструираа и двата постојни паркинзи кај клиниките за хирургија и за гинекологија и акушерство. Дополнително, во тек е и реконструкцијата на дел од улицата Загрепска со што ќе се подобри пристапноста до Институтот за белодробни заболувања – Детската болница Козле, каде што функционира еден од ковид центрите во Скопје, а за што Град Скопје издвои 10 милиони денари“, информираат од Град Скопје.

На днешната седница Советот на Град Скопје ќе одлучува и за повеќе одлуки за меѓуопштинска соработка. Со првата одлука се предвидува воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје, Општина Карпош и Општина Чаир за изработка на проектна документација за улица „Ц1“. Со оваа одлука се предвидува изработка на проектна документација за новата улица со која се предвидува продолжување на бул. „Џон Кенеди“ на потегот од ул. „Македонско-косовска бригада“ до бул. „Никола Карев“. Со оваа одлука Градот Скопје во остварувањето на меѓуопштинската соработка ќе учествува со финансиски средства во износ од 2.000.000 денари без ДДВ.

Со втората одлука се предвидува воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Ѓорче Петров за осветлување на неколку улици на територијата на општина Ѓорче Петров. Со истата се предвидува финансиско учество на Град Скопје во реализацијата на проект за осветлување на улиците „Шар Планина“ и „Лепенец“, за што Град Скопје ќе издвои средства во износ од 894.000 денари без ДДВ.

Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа и за извештаите за работата на Јавните установи на Град Скопје за минатата 2020 година, за Извештајот за работата на ЈП „Улици и патишта“ за 2020 година, како и за извештаите за работата на повеќе јавни претпријатија за првото тримесечје од 2021 година.