Градоначалникот Петре Шилегов денеска најави уште еден голем проект за жителите на Скопје – изведбата на клучката кај Момин поток која е една од двете главни рути што ги поврзуваат северниот и јужниот дел од градот.

„Се работи за огромен проект во вкупна вредност од околу 18 милиони евра, за кој постапката ја започнавме вчера, градежните работи ќе ги започнеме во текот на јуни, а изведбата треба да трае 2 до 2,5 години. Според својата комплексност, се работи за убедливо најсложениот сообраќаен проект којшто Град Скопје го има изработено од 1965 година, па наваму. Малку поедноставен е проектот за клучката кај хотелот „Континентал“. Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, се предвидува изградба на 2 кружни тека, првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот 8.Септември и улицата Скупи и вториот кој треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар Словенија каде што се поврзува со булеварот Словенија и со булеварот Босна и Херцеговина. Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници бидејќи дневно овде поминуваат 25.000 возила и метежот е голем“, рече Шилегов, на денешната прес-конференција.

Вкупната должина на сообраќајницата меѓу двата кружни тека и до пред раскрсницата со булевар Словенија изнесува околу 1.600 метри. По должина на целата сообраќајница ќе биде поставено најсовремено ЛЕД булеварско осветлување, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Проектот предвидува и изградба на 2 моста на реката Серава која тече под оваа сообраќајница.

„Сакам да нагласам дека во делот на сообраќајната инфраструктура во северниот дел од градот го завршивме булеварот Христијан Тодоровски Карпош, а при крај се и булеварите Никола Карев и Босна и Херцеговина. Ова е во целосна согласност со визијата што јас ја имам за нашиот град – рамномерно развиен град со инфраструктура поволна за сите граѓани, без оглед на кој дел од градот припаѓаат. Градот неколку децении доцнеше со ваквите визии, а со ваквите проекти се обидуваме во само еден мандат фундаменталните работи на градот да ги започнеме до точка од која нема враќање. Безбедниот сообраќај и урбаната мобилност остануваат во редот на приоритетите мои и на оваа градска администрација, а тоа граѓаните имаа можност да го видат изминатите 3 и пол години и најдобро знаат да ги препознаат ваквите активности на градот“, нагласи Шилегов.

На денешната прес-конференција присуствуваа и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и градоначалниците на општините Карпош, Чаир, Центар и Бутел – Стефан Богоев, Висар Ганиу, Саша Богдановиќ и Велимир Смилевски.