Реконструкцијата на кејот „13 Ноември“, на потегот од градскиот плоштад до улицата  Стив Наумов, се одвива со забрзана динамика и на почетокот на летото скопјани ќе добијат нов кеј за уживање.

– Градежните активности на терен се интензивирани. Отстранети  се централните и предните делови на терасите на угостителските објекти, со што е ослободено шеталиштето и прекрасниот средишен дрворед, што е едно од најатрактивните места во нашиот град. Изминатиов период се работеше на обновување на целокупната  подземната инфраструктура, а во моментов се работи на поплочувањето на кејот и моите очекувања  се дека во втората половина на јуни, на почетокот на летото,  скопјани ќе добијат нов кеј за уживање – истакна Шилегов на денешната седница за советнички прашања.

Овој проект е во вредност од 88,6 милиони денари со вклучен ДДВ, средства обезбедени од Буџетот на Град Скопје. Со реконструкцијата е опфатено целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот „13 Ноември“. На новиот кеј ќе биде ослободено повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила.

Терасите кои што ќе ги користат угостителските објекти ќе бидат унифицирани и поставени на начин што ќе овозможи да дојде до израз прекрасниот двоен дрворед од повеќегодишни развиени дрвја.