Новиот Локален еколошки акционен план (ЛЕАП 3) на Град Скопје 2020 – 2026 е една од главните точки за кои ќе расправа Советот на Град Скопје на денешната седница. Локалниот еколошки акционен план претставува највисок локален стратешки документ за заштита, планирање и управување со животната средина. ЛЕАП-от како стратешки документ од суштинско значење, ги детектира актуелните состојби во областа на животната средина и усвојува соодветни краткорочни и долгорочни мерки за решавање на идентификуваните проблеми за граѓаните на град Скопје.

Овие краткорочни и долгорочни мерки на Локалниот еколошки акционен план се концентрирани во повеќе области, а како најважни можат да се издвојат заштитата од загадување и активностите за подобрување на квалитетот на воздухот, снабдување со квалитетна вода за пиење и заштита на водите од загадување, управување со отпадот, заштита од бучава и вибрации, урбан развој и просторно планирање, развој на локалниот јавен транспорт и сообраќај, зголемување на енергетската ефикасност, развој на еколошко-културниот туризам, заштита на биодиверзитетот и други области.

На денешната седница Советот ќе расправа и за Одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Шуто Oризари за партерно уредување на спортската сала на КП 1377/1 КО Бутел, на урбанистичка парцела бр.4 која е во склоп на Спортско рекреативниот центар во општина Шуто Оризари на ул. Хаџи Јован Шишко 36. Со оваа одлука Градот Скопје ќе учествува со 4 милиони денари во партерното уредување на овој јавен простор, додека општина Шуто Оризари ќе учествува со 5 милиони денари.

Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа и за извештаите за работењето на јавните претпријатија чиј основач е Градот Скопје за минатата 2020 година, како и за повеќе програми за работа за 2021 година. Дополнително, Советот ќе одлучува и за повеќе одлуки со кои се определуваат максималните износи за доделување на поединечни субвенции за граѓаните, за купување на електрични тротинети, велосипеди, како и за надоместување на дел од трошоците на домаќинствата и на други субјекти за чистење на оџаците.