Скопјани пијат чиста и здрава вода, уверуваат од ЈП „Водовод и канализација“, градското претпријатие задолжено за дистрибуција на водата до секој корисник, како и обезбедување и третман на урбаните отпадни води.

Претпријатието повеќе од 100 години ги вложува своите капацитети и ресурси и овозможува услови за водоснабдување на градот Скопје со питка и квалитетна вода од изворот Рашче.

По повод 22 март Светскиот ден на водата посветен на поткревање на свеста за глобалната светска криза за вода, значењето на водата за човештвото и како може да ја заштедиме, ЈП „Водовод и Канализација“ на Фејсбук објавија интересно видео во кое може да ги видиме и слушнеме нешто повеќе за природниот извор Рашче.

„Имајќи го предвид фактот дека водата е извор на животот, а ние имаме и користиме вода од природен извор, што е навистина реткост во Европа и светот, вложувањата на ЈП „Водовод и канализација” – Скопје се во насока на унапредување на работните процеси, стандардизацијата, модернизацијата и заштитата на водата и на животната средина во чекор со најновите европски и светски директиви кои обезбедуваат одржлив развој, сигурност, безбедност и можности за задоволување на потребите на корисниците и градот Скопје“, посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација” – Скопје.

Во насока на непречен развој на градот во иднина, додава, направени се и се прават истражувања за потенцијалните извори на водоснабдување што претставува голем чекор напред во однос на заштитата на изворот Рашче како и обезбедување на неговата одржливот.

„Водата од изворот Рашче е природна, квалитетна и по својот состав и минерологијата, не само што е на второ место во Европа, туку е и од витално значење за здравјето на граѓаните и нивниот квалитет на живот. Нашиот високо-стручен тим во Секторот за санитарна контрола, го гарантира квалитетот и исправноста на водата за пиење од изворот Рашче. Истиот се потврдува преку испитувањата кои секојдневно се изведуваат во хемиската и микробилошката лабораторија кои се единствени акредитирани и сертифицирани лаборатории за изведување на таков тип на испитувања во нашата држава и чии резултати и постигнувања се потврдени од институции на европско и светско ниво“, вели Билјана Петровска, раководителка на Секторот за санитарна контрола, при ЈП „Водовод и канализација” – Скопје.