Градоначалникот Петре Шилегов денеска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Подобрен капацитет за превенција на несреќи и управување со кризи на локално ниво“, која се одржа во хотелот „Хилтон“. Конференцијата се организира во рамките на проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“ кој Институтот за демократија го спроведува со поддршка од Обединетото Кралство, преку Британската амбасада во Скопје. Проектот цели кон зајакнување на стратешкото управување со кризи во осум избрани општини и прикажување на процесот на развој на локални стратешки планови за намалување на ризиците од несреќи и од катастрофи.

Целта на конференцијата, пак, е да се оствари дискусија за системот за управување со кризи, можностите за соработка и меѓусебна поддршка на органите на национално и локално ниво во овој домен, како и да се претстави процесот на изработка на локални стратешки планови за намалување на ризиците од несреќи и од катастрофи на осум пилот единици на локалната самоуправа.

„Важноста на доброто управување со кризи најмногу се гледа во кризни времиња, а ние за жал живееме во време кога кризите континуирано ни наметнуваат нови предизвици и како луѓе, но и како институции кои носат определени одговорности во овој дел, согласно со надлежностите дефинирани со законите. Како држава повеќе од година се справуваме со кризата наметната од светската пандемија од коронавирусот што од друга страна е доволно долг период да извлечеме некакви поуки и заклучоци од кои можат да произлезат конкретни чекори. Искуството со брзината на подготовката и уредувањето на кругот на Клиничкиот центар за изградба на монтажната инфективна болница, како и сообраќајните решенија кои овозможија поголема проодност за возилата на итната медицинска помош беше предизвик со кој успешно се справивме, но истовремено и ни укажа на низа аномалии на системот кои има простор да бидат отстранети со цел тој да биде унапреден во насока на поголема ефикасност. Она што постојано ни се провлекува како институции е неопходноста од стратешкото планирање како клучен дел и од превенцијата, но и како предуслов за успех на самото управување со кризата во текот на целото нејзино времетраење“, рече во своето обраќање градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека улогата на Град Скопје и на општините како единици на локалната самоуправа во делот на управувањето со кризи е помалку или повеќе дефинирана со Законот за локална самоуправа, Законот за управување со кризи, Законот за заштита и спасување и други правни акти кои неретко знаат да бидат и ограничувачки фактори кои неповолно влијаат врз брзината и ефикасноста на справувањето со кризите.

„Согласно со овие закони Град Скопје во делот на планирањето има обврска да изготви и редовно да ја ажурира Процената на загрозеност на подрачјето на Град Скопје од сите ризици и да подготви План за заштита и спасување на градот Скопје од природни непогоди и други несреќи. Во таа насока, секоја година се подготвува и годишна акциона програма за заштита и спасување, која содржи општи нормативни претпоставки за реализирање на Националната стратегија за заштита и спасување. Оттука потребата за подлабока и посеопфатна анализа на правната и институционалната поставеност на системот за управување со кризи. Тоа во голема мера ќе ни помогне како институции да ги идентификуваме системските празнини и предизвици кои пандемијата на Ковид-19 ги изнесе на површината“ објасни Шилегов.

Тој се заблагодари на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и на амбасадата на Обединетото кралство што преку реализацијата на проектот  „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“ ќе помогнат да се зајакне стратешкото управување со кризи во Град Скопје и уште неколку избрани општини, а понатаму и да се прикаже процесот на развој на стратегии за подготвеност и управување со кризи на остатокот од општините во државата.

„Овој проект ќе ни помогне да ја подобриме и информираноста на граѓаните за надлежностите на општините во системот за управување со кризите, како и за можните начини на кои граѓаните ќе можат да се вклучат, што ќе ни помогне и нам како институции подобро да одговориме на она што се нарекува јавен интерес. Менаџирањето со кризите мора да биде предмет на стратешко делување доколку сакаме успешно менаџирање со кризите и минимизирање на нивните штетни последици по граѓаните. Притоа, задолжително поголем акцент ќе мора да се стави на планирањето и превенцијата во однос на ад-хок делувањето кое е често наметнато од некакви новонастанати ситуации со свои специфики. Безбедноста и заштитата на граѓаните на Скопје секогаш е во редот на врвните приоритети на институциите на локалната самоуправа и токму од оваа причина добро е што сме тука и добро е што разговараме на оваа тема, а јас искрено се надевам дека со здружени сили можеме да дојдеме и до систем кој ќе гарантира уште подобри резултати во управувањето со кризите што ќе придонесе директно кон поголема безбедност и подобра заштита на граѓаните“, нагласи денеска градоначалникот Шилегов.

На денешната конференција се обратија и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, амбасадорката на Обединетото Кралство во нашата земја, Рејчел Галовеј, националниот координатор за имплементација на националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Зоран Петров, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, градоначалници и експерти.