Општина Штип започна со бесплатно делење заштитни маски

Општина Штип деновиве започна со бесплатно делење заштитни маски за граѓаните.
Оваа активност што треба да продолжи и во следниот период, беше најавена од страна на градоначалникот Сашко Николов и извршниот директор на Солидарниот фонд на Општина Штип, Борис Шарковски.

„Почнувајќи од денес, волонтери секојдневно ќе бидат на терен и ќе им делат заштитни маски на граѓаните. Освен во центарот на градот, пунктови ќе има и во сите урбани заедници, но и во руралните средини. Имајќи предвид дека сме во пик на нов бран од Ковид-19, носењето маски и држењето дистанца засега се покажаа како одличен механинизам за заштита од короната, а наша обврска како Општина е и да се грижиме за здравјето награѓаните. Апелирам како градоначалник, но и како лекар, да останеме внимателни, да бидеме одговорни, да носиме маски, да држиме дистанца, да не излегуваме непотребно. Само на овој начин, во очекување на вакцините, ќе можеме да се спротиставиме на пандемијата“, рече градоначалникот Николов.