Рециклирањето на отпадот е практика која масовно се применува во најголем дел европски земји кои ги почитуваат највисоките еколошки стандарди за третман на отпадот. Следејќи ги тие стандарди, Град Скопје потпиша договор за нови контејнери за депонирање на стаклен отпад, донесувајќи го вкупниот број на вакви контејнери на 122.

„На овој начин се надеваме дека свеста за рециклирање на стаклото ќе продолжи да расте и да се зголемува, а дополнително ќе им се овозможи на ангажираните експерти кои го следат целиот процес да развијат соодветен модел за рециклирање на стаклото, што во иднина ќе биде применлив и во други вакви средини во целиот регион“, напиша градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на неговиот Фејсбук профил.

Со новите контејнери Град Скопје очекува да се собере најмалку 20% повеќе стакло во однос на 2020 година, а градот како што најавија ќе продолжи да ја надградува ваквата инфраструктура на контејнери и во иднина, не само за селекција на стакло, туку и за хартија и пластични шишиња со што целта е да се трансформира Скопје во модерна и паметна метропола.