Екипите на Град Скопје почнаа да го расчистуваат кејот на реката Вардар околу новиот пешачки мост кај зградата на Македонскиот народен театар.

„Овој дел од кејот скоро 8 години не беше прооден за пешаци и за велосипедисти поради градежните работи и натрупаниот градежен материјал поради изградбата на „Панорамското тркало“. Изградбата на мостот е готова, „Панорамско тркало“ нема, а сега се работи на конечно ослободување и на оваа делница од кејот, за граѓаните да можат непречено да ја користат“, велат од Град Скопје.

Од овој потег досега се подигнати 27 кубни метри градежен материјал. Чистењето ќе продолжи и во наредните денови.

Значајно е да се нагласи дека активностите на Град Скопје за чистење на кејот на реката Вардар продолжуваат и оваа година. Се расчистуваат и уредуваат пешачките патеки, се чистат калдрмата, каменот и коритото на реката.

Дополнително, се корнат гранки, треви и грмушки со кои се обраснати делови од кејот, се кастрат дрвјата, се уредува зеленилото и се чисти ѓубрето.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на својот Фејсбук профил напиша дека мостот е готов, тркало ќе нема и кејот конечно е прооден за пешачи и велосипедисти.

„Започнуваме со расчистување и подготовка за конечно отварање на кејот, после повеќегодишната непроодност заради изградба на мостот на “Панорамското тркало”. Мостот е готов, тркало ќе нема, кејот конечно прооден !“, напиша Шилегов.