Во Штип се поставува монтажна болница за лекување болни со Ковид-19

В.д.градоначалникот на Општина Штип, Јане Миланов, заедно со директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Георгијев и директорите на јавните претпријатија „Стипион“ и „Исар“, деновиве одржаа координативен состанок и извршија увид во врска со тековните активности и обврските на секоја институција во поставувањето монтажна болница до Клиничката болница во Штип.

Монтажната болница треба да има четири модули со по 14 кревети, или вкупен капацитет од 56 кревети, со што значително ќе се зголеми потенцијалот за прием и лекување болни со Ковид-19 од Штип и од регионот во Клиничката болница.

„Почнуваме со подготовка на сите инфраструктурни инсталации, водовод, канализација, електручно напојување. Очекуваме во догледно време да ги завршиме сите обврски што ги имаме како локална самоуправа, за понатаму да може Министерство за здравство да го заврши останатиот дел“, истакна в.д. градоначалникот Миланов.

Претставниците од јавните претпријатија „Стипион“ и „Исар“ во наредните три недели треба ќе ги завршат нивните обврски.

Директорот Георгијев истакна дека Клиничката болница е подготвена да одговори на потребите за целосно функционирање на болницата.