Со пари од Европската унија, општина Конче ќе ја уредува Дединска река.

Станува збор за ИНТЕРРЕГ-ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија, во вредност од околу 150 илјади евра, а заеднички го реализираат општините Конче и Струмјани од Р.Бугарија.

Деновиве проектот  во село Дедино, ја имаше својата промоција  на која освен градоначалникот на Конче, Благој Илиев, преку видео порака се обрати и градоначалникот на Струмјани.

Проектот  за уредување на течението на Дединска река, со регулација на речното корито и изградба на цевести пропусти, со што ќе се намали ризикот од поплави, веќе започна а при увидот на градежните работи, градоначалникот Илиев укажа на придобивките од неговата реализација за жителите и нивните имоти.

„Со проектот-Примена на мерки за заштита од полави во општините Конче и Струмјани, овој проблем ќе биде саниран и поројните води од Дединска река повеќе нема да претставуваат опасност по жителите на село Дедино и нивните имоти. Регулацијата на Дединска река ќе се изведе во должина од 360 метри, односно ќе се уреди дел од речното корито кое поминува низ самото населено место, ќе бидат изведени ќејски ѕидови обложени со камен, ќе биде изграден каскаден праг а за премостување на движењето на луѓето ќе бидат предвидени целосни пропусти со армирана бетонска плоча. Оваа капитална инвестиција е главна активност на проектот, која општина Конче ја спроведува во партнерство со општина Струмјани“, изјави Илиев.

Тој најави дека во следниот период ќе се спроведат и низа мерки и активности со цел запознавање на жителите со оваа проблематика, преку изработка на план за управување со катастрофи и спречување на ризици ,сето тоа во соработка со општина Струмјани.

Вкупната вредност на градежните работи за регулација на Дединска река кои треба да завршат до месец јули идната година,  изнесуваат 146.582 евра.

Дединска река е  стрмна и брза река која при обилни дождови има однесено и човечки животи.