Вршителот на должност градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов, на градското корзо го отвори Саемот на книгата, кој годинава се одржува под мотото „Ајде да читаме“. Овој втор саем на книгата се одржува во организација на Младински совет – Струмица, а во соработка со академија „АБЦ“, локална установа библиотека „Благој Јанков – Мучето“ и „СИМ Компани“ и со поддршка на општина Струмица.

Кога нешто е успешно, тогаш треба да се повторува“, рекле умните луѓе. Ако е тоа така, тогаш овој Втор саем на книгата, што ни се случува, е логична „последица“ на успешноста на минатогодишниот саем кој привлече големо внимание меѓу струмичките пријатели на книгата. Но мора да се истакне нашата заедничка желба, ова второ издание на саемот да ја потврди таа успешност и да го оправда своето постоење, како вовед во една убава традиција која би траела засекош. Тоа е исто како проодувањето на едно мало дете.

Првиот чекор е само најава за проодување, но дури вториот е потврда за чекорењето. Убеден сум дека отвореноста на саемот под убавото струмичко небо, отвореноста на овој наш струмички плоштад и отвореноста на срцата на организаторите ќе резултира со отворање на што поголем број книги од страна на читателите и збогатување на нивните домашни библиотеки. Ја користам можноста да го поздравам одржувањето на овој Втор саем на книгата, да им честитам на организаторите од Младинскиот совет – Струмица, на соорганизаторите од Академијата АБЦ, Локалната установа – Библиотека „Благој Јанков Мучето“ и „СИМ – Компани“ за прекрасната идеја и реализација, како и на петнаесетте издавачи кои се присутни на саемот со свои изданија. Ве уверувам дека општина Струмица како и досега, така и во иднина ќе го поддржува овој саем, се’ со цел популаризација и афирмација на книгата, рече Костадинов.

На саемот се изложени книги од петнаесеттина издавачки куќи од нашава земја, а истиот ќе биде отворен до 24 мај.