„Макфест“ годинава на штипскиот плоштад, Пастрмалијадата ќе ја чека 2021

Јубилејното 35-то издание на фестивалот на забавна музика “Макфест”, наместо во Домот на културата, првпат ќе се одржи на отворено, на градскиот плоштад “Слобода” во Штип.

„Макфест“ оваа година слави 35 години постоење, јубилејно фестивалско издание кое  пред да започне состојбата со коронавирусот сакавме да биде посебно зашто тоа го заслужуваат и изведувачите и гледачите. Поради новонастанатата состојба со Ковид-19, одлучивме за првпат во историјата, фестивалот да се одржи на отворено, односно на градскиот плоштад „Слобода“, кадешто ќе се одржат две фестивалски вечери. Првата вечер ќе се слушаат најпознатите стари хитови од „Макфест“ од наши познати изведувачи, а втората ќе биде директно финална вечер на која ќе бидат исполнети пријавените и избрани композиции,“ изјави градоначалникот Бочварски.

Најавено е почитување на сите протоколи и заштитни мерки против ширењето на Ковид-19 на плоштадот „Слобода”на кој ќе има место за околу 400 гледачи. Поради состотојбата, годинава ќе нема пејачи од странство.

Наместо во октомври, „Макфест”, поради одржувањето на отворено и поврзаноста со временските прилики, се планира да се одржи кон крајот на септември. Во тој термин во Штип се одржуваше уште една традиционална манифестација – Пастрмалијадата, која, поради епидемијата, годинава нема да се одржи.