Општината Македонска Каменица ја објави нацрт Одлука за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Со оваа одлука се влегува во процес на прогласување на Осоговските планини за заштитен предел заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките
карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, природни убавини,
како и специфичната интеракција на луѓето и природата.

Називот на заштитеното подрачје е „Заштитен предел – Осоговски Планини“ и целата содржина од нацрт Одлуката на Министерството за животна средина и просторно планирање можете да ја погледнете на интернет страницата на Министерството.

(Линк до Министерството за животна средина и просторно планирање за сите значајни објави и потреби во процесот на прогласување на дел од Осоговските планини за заштитен предел: http://www.moepp.gov.mk/?page_id=22576)

Заштитетното подрачје на Осоговските планини е распространето на територијата на шест општини (Кочани, Крива Паланка, Кратово, Македонска Каменица, Пробиштип и Чешиново-Облешево) со многу мал дел од Општината Виница и опфаќа 28 рурални населени места и дополнителни 22 кои се наоѓаат на работ на границата на идното заштитено подрачје. Од Македонска Каменица е опфатена површина од 4.846 хектари, или 8,85% од вкупната површината на заштитеното подрачје.

Овие активности се само почеток на долготрајниот процес на прогласувањето на заштитени подрачја кој опфаќа не само проценка на биолошката и геолошка разновидност, туку и анализа на социо-економските аспекти и навременото вклучување на сите засегнати страни. Носителите на одлуки и клучните засегнати страни поврзани со регулирање на заштитата на природата и користењето на природните ресурси, како и просторните планери и субјектите од секторот туризам и различните граѓански здруженија беа информирани, консултирани и соодветно вклучени во текот на изработката на оваа студија.