И покрај отежнатите услови поради состојбата со коронавирусот во земјата, во Македонска Каменица интензивно се работи на повеќе зафати значајни за животот на луѓето во општината. Таков е случајот и во двете училишта во градот – основното „Кирил и Методиј“, во кое учат 504, и средното „Миле Јанвески – Џингар“, во кое настава посетуваат 150 ученици.

– Основното училиште е изградено во 1982 година и оттогаш не се правени интервенции, освен на дел од покривната конструкција. Во 2018 година изработивме проектна документација за целосна енергетска ефикасност на објектот и пристапивме етапно во реализацијата. Лани се замени ПВЦ-столаријата на долниот кат, сега во тек е промена на столаријата на вториот кат, а се замени и системот на парно греење, кој беше сериозен проблем. Во следните неколку месеци ќе следува и целосна замена на радијаторите, со што овој процес ќе биде заокружен и решен – вели градоначалничката Соња Стаменкова.

Се работи и на реконструкција и реновирање на училишната спортска сала, изградена со училиштето, во која тренираат и играат натпревари и спортски екипи од Македонска Каменица.

– Лани целосно го реконструиравме подот на салата. Поставивме модерен паркет-под, кој е одличен и за кошаркарски мечеви на женската и машката екипа на „Баскет Кам“, од кои имаме и државни репрезентативки и репрезентативци. Во тек е замена на ПВЦ-столаријата во целата сала, како и реконструкција на трибинскиот дел, во кој, во соработка со рудникот „Саса“, ќе бидат поставени и околу 300 столчиња. Со ова, учениците, младите и спортските клубови од општината ќе имаат подобри услови за спортување и рекреација – истакнува Стаменкова.

Лани, пак, во дворот на средното училиште „Миле Јаневски Џингар“, кое граничи со основното училиште, беше отворено современо универзално спортско игралиште, кое, исто така, освен ученици, го користат и младите и спортистите од општината.

– Модерниот отворен спортски терен во дворот на училиштето е со специјална подлога и со ФИБА-опрема. Завршивме и некои други значајни проекти, како поставувањето фотоволтаичен систем, набавка на 15 нови компјутери со кои е опремен кабинетот по информатика, сите училници ги опремивме со компјутер и телевизор за полесно следење на наставата… Ја реновиравме и малата спортска сала во која се поставени маси за пинг-понг на кои рекреираат учениците, а во попладнињата и заинтересирани граѓани – вели Круме Стојановски, директор на средното училиште.

Реновирањето на спортските објекти особено ги радува активните спортисти. Еден од нив е 21-годишниот Роберт Стојанов, кошаркар на „Баскет Кам“, кој беше дел од М-16 и М-18-репрезентациите на Македонија. Нагласува дека е одлично што Општината, со поддршка и на „Саса“, постојано работи на подобрување на условите за работа на спортистите.

– Женската екипа на „Баскет Кам“, пред да се случи оваа ситуација со коронавирусот, котираше многу високо во најквалитетната женска кошаркарска лига на Македонија. Ние, машката екипа, бевме во средината на табелата во Втората македонска лига, но се надеваме дека следната сезона ќе бидеме подобри. Овде имаме супер услови за тренинзи – сала, отворено игралиште, а тоа е добро и за сите млади во Македонска Каменица – истакнува Стојанов.

За да им се олесни животот и на младите, но и на возрасните, Општината продолжува со изградба на улици и патишта во градот и во руралните средини.

– Во градот веќе ги реализиравме улицата Вера Јоциќ, дел од 8 Септември, улицата Пере Тошев, а во моментот се работи на улицата Даме Груев, која е во должина од 650 метри. За сите улици средствата се обезбедени од буџетот на Општината. Во моментот се вршат и земјени работи за пробивање локален пат што ги поврзува селата Луковица и Косевица. Патот е од големо значење и изградбата е по барање на граѓаните. Двете села имаат голем потенцијал за развој на турзизмот и економијата – вели градоначалничката Соња Стаменкова.

Додава и дека годинава, со реализирана набавка во вредност од 15 милиони денари, Општината опфатила изградба на патишта во дожина од 2.730 метри во сите рурални средини, како Цера, Саса, Косевица, Луковица, Тодоровци, Дулица.