Детската градинка „Рахилка Гонева“ во Свети Николе, доби нов кров и ПВЦ врати и прозорци преку проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и спроведуван од УНДП во соработка со 24 општини.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски потенцираше дека проектот го избраа граѓаните преку Форуми на заедницата во кои учествува преку 400 жители на општината каде што овој проект беше предложен и избран како најприоритетен од шест развојни проекти предложени на форумот.

„Овде се сместени околу 200 дечиња, а секако тука се и децата со посебни потреби, за кои ќе ја пуштиме во употреба и сензорната соба.Се  надевам дека со ова нема да застанеме тука и дека ќе им обезбедиме на нашите деца колку што е можно подобри услови, со цел да имаат подобри моменти овде, но и да ја подобриме енергетската ефикасност – одонсно да ги намалиме трошоците по основ одржување на објектите“, рече градоначалникот Велковски.

Реновацијата на градинката чинеше 3,57 милиони денари, 2,7 милиони од нив  беа обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, а дополнителни 870 илјади беа кофинансирани од општината.

„Навистина сум среќна што го гледам резултатот од овој процес кој го поминавме заедно со УНДП и советот на општина Свети Николе. Покривот е сменет, нема да прокиснува повеќе, исто така и некоја реконструкција и реновирање се направени внатре во градинката. За мене и за швајцарската амбасада е важно што можеме да видиме дека со овие активности се подобрил животот на децата и сите во градинката“, изјави швајцарската амбасадорка, Сибил Сутер, која смета дека финансирањето на овој конкретен проект е мудра одлука, бидејќи младите се иднината на самата општина.

Проектот „Зајакнување на општинските совети“ се спроведува во 24 општини, а до сега беа спроведени низа активности за зајакнување на капацитетите на советниците и нивно вмрежување, како и зголемување на транспарентноста и отчетноста, и граѓанското учество во донесување одлуки на локално ниво.