Две светниколски училишта добија еколошки системи за загревање, како замена на печките на дрва. Учениците во подрачните училишта во селата Амзабегово и Кадрифаково второто полугодие го почнаа со затоплување со печки на пелети. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски вели дека средствата за реализација на проектов се од Агенцијата за рурален развој, но и од буџетот на општинското Основно училиште „Даме Груев“ во селото Ерџелија. Инвестирани се над 800.000 денари, од кои 552.000 денари се од Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, а останатите пари се од  буџетот на училиштето.

– Во двете училишта ги заменивме старите печки на дрва со нови современи еколошки печки кои се поефикасни и ја заштитуваат животната средина, вели градоначалникот Велковски.

Тој најави дека следна инвестиција во училиштата е и во „Кирил и Методиј’ во градот Свети Николе, каде што ќе се промени целата електрична мрежа. Проектот ќе чини 1.500.000 денари.