Македонска Каменица, 11.01.2019 година – Рибарите од Македонска Каменица и регионот, втора година по ред го одбележаа христијанскиот празник Свети Стефан – заштитникот на рибарите. На брегот од Калиманско езеро, околу 70 членови на СРК “Шаран” и љубители на риболовот беа дел од неколкучасовното дружење на кое присуствуваше и градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова.

– Веќе втора година по ред, на иницијатива од наши членови, го одбележуваме денот на заштитникот на рибарите, христијанскиот празник Свети Стефан. Радува тоа што, годинава сме во поголем број. Годинава сме подобро организирани, и се надевам дека настанот, од година в година, ќе прерасне во една убава традиција, која ќе овозможи дружење на членовите од Спортското риболовно друштво “Шаран” и љубителите на риболовот од Македонска Каменица и поширокиот регион, – истакна Горан Стоименовски од СРК “Шаран” од Македонска Каменица.

Помеѓу присутните гости беше и градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова која ја искористи приликата на присутните да им ги честита празниците, посакувајќи им добро здравје, бериќет и секако добар улов во водите на Калиманско Езеро во текот на претстојната риболовна сезона.

На настанот покрај членови на СРК “Шаран” од Македонска Каменица присуствуваа и рибари од Делчево, Виница, Кочани и од останатите градови во регионот.