Општина Свети Николе го оддели системот за улично осветлување од системот на ЕВН, а со вградувањето на дигитален систем стана  првата општина во државата со смарт регулирање на уличната расвета. Поставени се 63 ормари со мерни табли на територијата на општината, кои потоа, како што најавија од компанијата која го работеше овој систем,  преку еден компјутер ќе може да се управува со целиот систем на осветлување.

-За граѓаните ќе биде подобро, бидејќи во секој момент ќе се знае доколку има некаков проблем во уличното осветлување и ќе може да се изврши побрза интервенција. Системот сам ќе алармира, ќе нема потреба граѓаните да пријавуваат бидејќи во ситуација кога некоја сијалица е расипана, самиот систем алармира, вели Драган Тирановски од компанијата „Симт“.

Оваа инвестиција е од буџетот на општината Свети Николе. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски кажа дека смарт системот градот го чини  3.500.000 денари.

-Оваа инвестиција ќе се врати за две до три години, што е навистина краток период за ваква една инвестиција, која е долгорочна. Заштедите ќе бидат големи и верувам дека ќе бидат во интерес на граѓаните на Општина Свети Николе. Се случува сред бел ден да светат улилните светилки, што јас како економист не можам да го дозволам, рече градоначалникот Велковски.

– Набавени и инсталирани се 63 ормари, мерни табли за целата територија на општината, со која целокупната инсталација за регулирање на уличното осветлување е префрлена од трафостаниците на ЕВН на ормари за регулирање на осветлување во сопственост на Општина Свети Николе, вели Велковски.

Ова е само дел од проектите од тригодишната стратегија за енергетска ефикасност, каде влегуваат и веќе реализраните со енергетско – ефикасните фасади, осоврменување на системите за загревање на училиштата, поставување на фотоволтаици. Годинава работеле и на енергетската ефикасност на објектите, кои се под надлежност на општината. Големи инвестиции имаат во училиштата и во Свети Николе и во руралните средини.

Општината Свети Николе е една од петте кои влегоа во пилот општините за енергетско ефикасни општини. Директор на агенцијата за енергетика Нехри Емрула рече дека дека достигнувањето на Свети Николе е пионерско за нашата држава, бидејќи многу малку општини успеале да постигнат автономност од дистрибутивната мрежа во делот на управувањето со уличното осветлување.

-Сега овде видовме еден добар пример во Општина Свети Николе, каде што во уличното осветлување се оди чекор понапред со смарт систем го решаваат тоа. Нам ни се битни заштедите,  изјави  директорот Емрула.

Свети Николе е седишето на една од двете централи на соларна енергија, а што се однесува до приклучување на гасот, од општината велат дека најблискиот приклучок е во село Ерџелија, но системот ќе профункционира со ширењето на гасовдниот крак кон Велес.