Градоначалникот на Радовиш со видео-обраќање даде отчет за сработеното

Градоначалникот на Радовиш, Герасим Козулов, преку видео-обраќање до граѓаните деновиве даде отчет за сработеното во општината во втората година од неговиот мандат.

– На крајот на октомври навршија две години од мојот мандат како градоначалник, период во кој бевме посветени на решавањето на главните проблеми во општината. Покрај другото, со 20 нови проекти инвестираме во општинската инфраструктура врз принципот на рамномерен развој – како во градот, така и во другите населени места во општината – рече Конзулов.

Посебно ги истакна изградбата на новиот резервоар за вода и цевководот во должина од 3,5 километри, со што треба трајно да се реши проблемот со рестрикцијата на вода во градот.

Нагласи дека насекаде низ општината се вложува во обнова и изградба на патна мрежа. Посебно ја потенцираше обновата, во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта, на патот Радовиш – Подареш во должина од 9,8 километри, потоа на делницата од центарот на селото Злеово кон клучката на магистралниот пат Радовиш – Струмица во должнина од 1,6 километри, како и обновата на 5,5 километри од магистралата Радовиш – Струмица.

Ги спомна и завршената нова делница од 2,7 километри од патот кон Смиланци, новите улици во Ињево, Калуѓерица, Ораовица, потоа повеќе улици во градот, како и уредувањето и поплочувањето на повеќе јавни површини во градот, како и поплочувањето и одводнувањето во Калаузлија, Аликоч, Тополница…

Конзулов се осврна и на проектот „Чиста општина“, со кој почна да се собира, транспортира и процесира отпадот од повеќе населени места, а првпат жителите на Ињево, Ораовица, Подареш и Бучим добиле контејнери за одлагање на сметот поставени од ЈП „Плаваја“.

– Денес „Плаваја“, благодарение на вработените, на ефикасното менаџирање и на финансиската поддршка од Општината, работи со позитивен биланс и со подобар квалитет на услугите кон граѓаните – истакна Конзулов.

Тој потенцираше дека во општината во последната година имало и многу културни манифестации од кои повеќето и во рамките на програмата за одбележување на јубилејот 1.000 години од првото споменување на Радовиш како средновековно гратче.