Стотина проекти реализираа Општина Свети Николе и општинските институции во изминатите две години. Директорите на општинските претпртијатија и установи, предводени од градоначалникот, своето работење низ бројки го презентираа пред светиниколчани.

Под мотото „Две години отворено со граѓаните“, светиниколската локална власт на јавен настан го презентира сработеното во периодот од преземањето на власта на 20 октомрври 2017 година. Градоначалникот Сашо Велковски, кој беше избран од граѓаните уште во првиот круг кажа дека општината ја презел со долг од 29 милиони денари.

-Стартувавме со празна жиро – сметка и моментален долг од 29 милиони денари, за да за неколку дена пристигнат нови обврски за извршени работи од претходниот перид, со што вкупниот долг заедно со кредитот од Светска банка во износ од 800.000 евра достигне до 1.400.000 евра. Тоа е реалноста и моравме да излеземе со конкретни мерки за штедење и намалување на трошоците со цел стабилизација на буџетот и намалување на судските извршни трошоци за неисплатени обврски кон добавувачите. Денес, две години потоа, Општина Свети Николе за првпат има стабилен буџет, не е должна кон никого и сите обврски ги плаќаме тековно. Морам да истакнам и голема благодарност до Владата, што ни одобри 15 милиони денари за раздолжување на општината и дел од општинските институции, рече градоначалникот Велковски, кој ги наброја проектите во дел на комуналното работење на општината. Набавка на опрема, механизација и комунални возила, реконструкција на фонтаната која не работеше со години, изградба и реконструкција на локални патишта и улици, е само дел од сработеното.

-Во тек е реализација на проектот за ревитализација на станицата за прочистување на отпадни води преку проектот Биореал, со прекугранична соработка со Грција. Во тек се градежни работи и ќе завршат до март 2020 година. Со ова ќе ја ставиме во функција пречистителната станица, која не е во функција од 2008 година. На овој начин делумно ќе го решиме загадувањето на Светиниколска Река,  која со години наназад е извор на непријатна миризба и загадување на човековата околина, рече Велковски.

Институциите пак, од своја страна, секоја одделно ги презентира своите резултати. Меѓу нив и СОУ „Кочо Рацин“, чиј директор Ванчо Миленков само што го ставил потписот на проектот со италијанскиот регион Умбрија, чиј резултат е биде образвување на нови кадри – специјалисти за вино.

-На тој начин ќе бидеме дел од еден нов концепт, така што во градот освен што имаме универзитет, ќе имаме и специјалистички студии да ги наречам, пост средно образование, каде нашите сограѓаните ќе можат да се стекнат со специјалистички назив „техничари за производство на вино“, за што има потреба во нашиот регион, има мали винарии, кои со закон се обврзани да примаат вакви кадри, објасни Миленков.

Пред општината се нови предивици и проекти,  меѓу кои ревитализација на филтер станицата, прочистителната станица, како и изградба на базен и спортска куќа

-Во тек е изработка на ДУП за изградба на базен во нашиот град. Редно е на сите млади и сите рекреативци да им го овозможиме она што сме им го ветиле во предизборието. При крај сме со оваа активност, се надевам со сопствени парични средства или со помош на донаторски средства да им овозможиме. Најавувам од наредната година, Свети Николе ќе добие градски базен. Од страна на Владата е ангажирана проектантска фирма за изведба на проект за реконструкција на филтер станицата од која добиваме вода за пиење. Ќе добиеме филтер станица со современа филтрација, со зголемен капацитет и верувам дека Свети Николе конечно ќе го реши проблемот со водата за пиење, рече градоначалникот Велковски, кој го истакна доброто економско работење на  локалната власт и преку меѓународната награда, која деновиве му беше врачена за постигнати економски перформанси –„Глобал Локал“.

– Ова ни претставува доказ дека сме на вистинскиот пат, но и обврска за подобрување на потенцијалите на Општина Свети Николе. Тоа ќе значи зголемување на вработеноста, но секако и зголемување на стандардот на нашите сограѓани. За оваа награда не сум заслужен само јас, но и целиот тим соработници, но и вие граѓаните, кои давате несебична поддршка на оваа локална власт во изградба на модерно, европско Свети Николе, изјави градоначалникот Сашо Велковски, кој ги повика раководителите на општинските институции максимално да ги искористат преостанатите две годни од овој мандат, со цел да го направат Свети Николе општина според потребите на граѓаните.