Богата еднонеделна програма по повод 75-годишнината од ослободувањето на Виница

Општината Виница организира богата програма и многу манифестации по повод 75-годишнината од ослободувањето на градот и седумдесет и петте години слободен живот во општината. Програмата започнува на 26 август (понеделник), а завршува на 1 септември (недела).

На 26 август во 20 часот во манастирот „Св. Ѓорѓи“ ќе биде отворена првата ликовна колонија „Св. Ѓорѓи“. В среда утрото во Блатец ќе биде одбележана 75-годишнината од ослободувањето на тоа виничко село и некогашен општински центар, а вечерта во 20 часот во Сината сала во Виница ќе има проекција на анимираниот филм за деца „Неверојатната приказна за џиновската круша“. В четврток напладне во библиотеката „Ванчо Прке“ ќе биде промовирана поезијата на македонскиот современ поет Игор Крајчев, а во 19.30 часот во фоајето на Домот на културата ќе биде отворена изложба на дела од роднокрајни автори.

В петок на 30 август, Денот на ослободувањето, во 10 часот ќе се положи свежо цвеќе на бистата на народниот херој Кирил Михајловски – Груица, еден час подоцна во Сината сала ќе биде промовирана монографија за ОУ „Славчо Стојменски“, во 17.30 во Градскиот парк ќе бидат промовирани првиот том на Првата македонска рок-енциклопедија и книгата „Македонска дискографија винили“, а потоа од 20 часот ќе се одржи фестивалот „Слободна зона“ („Александар Велики“, „ПМГ Колектив“, „Дактили“, „Пука козметика“, „Роботек“, „КИ“).

В сабота во 9 часот е регионалната велосипедска трка „75 години слободна Виница“ што ќе стартува од Градскиот стадион, во 9.30 почнува „Виница куп 2019“ во мал фудбал. Вечерта в сабота, пак, во 20 часот во галеријата „Венеција“ ќе биде отворена изложба од создадените дела на првата ликовна колонија „Св. Ѓорѓи“, во 20.30 часот на виничкиот плоштад Ангел Винички ќе почне музички хепенинг, а од 21.30 е концертот на групата „Црвена јабука“. В недела од 8 часот во Градскиот парк ќе почне меѓународната трка „Чупино трејл“.