Традиционално, Радовиш и годинава достојно го чествуваше својот патрон и заштитник, а и голем молитвеник за нашата татковина, свети Спасо Радовишки. Одбележувањето траеше три дена, а освен богослужби и духовна академија, се одржаа и повеќе манифестации.

Свети Анастасиј Радовишки или свети Спасо Радовишки (Радовиш 1774 – Солун 1794) е словенски светител. Неговите родители на 20-годишна возраст го испратиле во Солун да учи занает. Во Солун го присилувале да прими ислам, а откако не се откажал од својата вера, бил жестоко измачуван. Ги поднесол сите страдања. И, најпосле, одејќи кон за него поставената бесилка, паднал и ја предал својата душа на Господа на 21 август 1794 година, а по неговата маченичка смрт преподобниот Никодим го напишал неговото житие.

Во чест на патронот и заштитникот, вчераутро, среда, се одржа света архијерејска литургија во храмот „Св. Троица“ во Радовиш, празничната трпеза беше во манатирот „Св. Георгија“ во Ораовица, а вечерта првин беше отворена изложба на слики создадени на меѓународната ликовна колонија „Св. Георгија“, а потоа на радовишкиот плоштад Св. Спасо Радовишки се одржа фестивалот на староградски песни „Саноќ седам“.

Посебно импресивно беше во вторникот вечерта. По одржаната вечерна богослужба во храмот „Св. Троица“, оттаму тргна голема вечерна литија до радовишкиот плоштад Св. Спасо Радовишки, каде се собра многуброен народ.

Потоа, истата вечер, во храмот „Св. Троица“, традиционално по 11. пат, се одржа духовна академија, на која, покрај многубројните граѓани и верници, присуствуваа и митрополитот на Брегалничката епархија на МПЦ-ОА, г. Иларион, епископот стобиски г. Јаков, градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, претседателот на Советот на Општината, Коле Чаракчиев, делагација од збратимената бугарска општина Тетевен, предводена од претседателката на Советот, Марија Стојчева… Настапија црковните хорови „Св. Спасо Радовишки“ и „Св. Јован Дамаскин“ и кантавторот Јовица Илиќ, а неколку од изведените песни беа за свети Спасо Радовишки.

Во понеделникот вечерта, пак, се одржа хуманитарно-забавно дефиле на близнаци „Да се слави животот, да се слави радоста“ – „Близнаци сме – исти, а посебни“. Дефилето тргна од Детскиот парк, а заврши на плоштадот Св. Спасо Радовишки, каде што имаше заедничко дружење и забава. Манифестацијата ја организираше радовишкиот центар за култура „Ацо Караманов“, а во рамките на чествувањето на заштитникот на градот свети Спасо Радовишки.