Два минибуси обезбеди Општина Конче во соработка со ЈПКД Лакавица.Со овие  возила локалните власти ќе можат да го реализират проектот „Превоз за секое дете’’.На овој начин во голема мера ќе се намалат трошоците, што општината ги издвојува за превоз на основците од населените места до ООУ „Гоце Делчев’’ во Конче.

Градоначалникот Благој Илиев вели дека возилата ќе бидат во сопственост на ЈП Лакавица кое како локално јавно претпријатие во иднина ќе врши и организиран превоз на децата ученици до централното училиште во Конче.

„Преку проектот „Превоз за секое дете“ ќе им овозможиме безбеден превоз во најдобри и најсовремени услови на сите наши деца кои секој ден патуваат од подрачните села до централното ООУ„Гоце Делчев“- Конче.“ напиша ФБ, градоначалникот на Конче Благој Илиев.

Станува збор за возила ,,Фиат Дукато’’ набавени од фирмата Аутомобиле од Скопје. Од средствата што ќе се заштедат за училишниот превоз, ќе бидат исплатени овие два минибуса, кои ќе останат во трајна сопственост на ЈП Лакавица. Возилата треба да бидат во функција не само за превоз на учениците туку и за потребите на Општината при организирање било какви манифестации или патувања.