Три планински села во општина Карбинци- Вртешка, Калузлија и Кепекчелија конечно ќе добијат асфалтирани патишта. Средствата се обезбедени од Платежната агенција , додека данокот ќе го плати општина Карбинци.

За реализацијата на овој проект заеднички аплицираа Центарот за развој на Источен плански регион и Општина Карбинци, а денес беше потпишан договор. Директорката на Центарот за развој на ИПР,  Драгица Здравева потенцираше дека веќе  од наредната недела може да се распише и тендерската постапка за пристапните патишта во должина од речиси три километри.

„Станува збор за буџет од 23.350.000 денари, од кои што околу 20 милиони денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и 3.600.000 денари се учество на Општина Карбинци за подмирување на данокот. Ние сме веќе во фаза на подготовка на административниот дел за објавување на јавната набавка и ќе настојуваме изведбите да започнат што е можно порано додека се уште дозволуваат временските услови“, вели Здравева.

Изградбата на пристапните патишта значи обезбедување на нормален живот на над 160 жителите од трите села, кои се наоѓаат на планината Плачковица, но и побезбеден транспорт на над 100 домаќинства  кои имаат викенд куќи во селото Вртешка, вели градоначалникот на општина Карбинци, Јордан Насев.

–Едниот пат е за  Калузлија. Оваа село има 80 жители и тие би го користеле овој пат како спој со регионалниот пат Штип-Плачковица. Другиот пат е за селото Кепекчелија  во кое што живеат 40 семејства.Третиот пат е кон викенд-населбата Вртешка во должина од 800 метри.Во оваа викенд населба има некаде околу 40 постојани жители и околу 150 повремени викендаши.Со асфалтирањето на овој пат, ќе се овозможи населбата да заживее и да привлече поголем број на посетители. Жителите на овие три села сега  користат  тешка  земјоделска  механизација  за да дојдат до дома, за дотур и транспорт на стока, а поголем дел од  жителите егзистираат од земјоделство и сточарство, вели Насев.

 

Дека ќе се создадат услови за заживување на викенд населбата се согласува и Гоце Митевски сопственик на викендичка.

„Со изградбата на овој пат ќе се обезбеди многу полесен пристап за нас, корисниците на оваа населба . Сега може да размислуваме и за поголемо инвестирање но и привлекување и на гости од страна“ , смета Митевски.

Се очекува реализацијата на пристапните патишта да почне на 15 август и да трае околу два месеци, со што до зимскиот период овие планински села ќе имаат асфалтирани патишта.