Со богата шестдневна програма Виница ќе го слави Павловден

Павловден, Празникот на градот, Виница и годинава ќе го одбележи со богата програма. Манифестацијата „Павловден 2019“ почнува в понеделник, на 8 јули, и ќе трае до сабота,13 јули, на самиот ден Павловден.

В понеделник во 21.30 часот на платото пред Домот на културата „Тошо Арсов“ ќе има проекција на филмот „Господ постои, името и’ е Петрунија“. Следната вечер во истит термин и на истото место ќе биде проекцијата на анимираниот филм за деца „Карирана Нинџа“. В среда, пак, во 11 часот во лапидариумот на виничкиот музеј „Теракота“ ќе биде отворена изложбата „Виница низ фотографии“, а за вечерта од 22 часот на платото пред Домот на културата е предвиден концерт со промоција на новиот албум „Underdog“ на групата „Filch“.

В четврок во 21.30 часот на Виничкото Кале ќе биде одиграна монодрамата „Страстите на Илија“ со Игор Дамјанов (Марадоната). В петок од 20 часот ќе се одржи поетска вечер со Тихомир Јанчовски и неговиот превод на „Два света“ од Руми. Мизичката придружба ќе биде на Добрила Грашеска и Зоран Тортевски. Истата вечер, но од 21.30 часот, на платото пред Домот на културата концерт ќе има „Чалгија саунд систем“.

На Павловден, в сабота, во 8 часот во храмот „Св. Архангел Михаил“ ќе има полагање на моштите на Св. Гаврил Лесновски, а во 10 часот литија пред параклисот „Св Павле“. Во 11 часот свечена седница по повод Пазникот ќе одржи Советот на Општина Виница. Во 12.30 часот ќе биде промовирана монографијата за основното училиште „Славчо Стојменски“, а вечерта од 22 часот на плоштадот „Ангел Винички“ ќе се одржи концерт на Игор Џамбазов и Гуру Харе.