Ученици од радовишките училишта и од по две скопски и кочански со целодневна програма во четвртокот во радовишкото општинско средно училиште „Коста Сусинов“ споделуваа многу наши и европски вредности. Со ЕУ-автобусот во Радовиш, општина со 28.000 луѓе, пристигнаа амбасадорите во Македонија на Италија, Карло Ромео, и на Бугарија, Ангел Ангелов, директорот на УСАИД во нашата земја, Едвард Гонзалес, претставници на канцеларијата на Европската Унија во Скопје, како и ученици од основните училишта „Раде Кратовче“ и „Малина Попиванова“ од Кочани и „Јоаким Крчовски“ и „Његош“ од Скопје и претставници на невладината организација „Потрага по заедничка основа“.

Во дворот на радовишката гимназија „Коста Сусинов“, во која учат 550 среношколци, гостите прво го посетија училиштниот научен саем, на кој на штандови подготвени од петте училишта во општината Радовиш – „Крсте Петков Мисирков“, „Никола „Карев“, „Орце Николов“ од Ињево, „Коста Рацин“ од Подареш и „Кирил и Методиј“ од Ораовица, како и од гимназијата „Коста Сусинов“, беа презентирани активностите на училиштата, потоа ракотворби, рачни изработки и цртежи на ученици, а имаше и богата кутурно-уметничка програма подготвена од учениците.

– Среќен сум што Радовиш денеска има европски ден на младите. Во духот на европските вредности, денешната програма ги афирмира заедништвото, културата, уметноста, екологијата, спортот, мултиетничкото заедништво. Денеска потврдуваме дека за нас нема друга иднина освен европската – истакна на отворањето на манифестацијата градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов.

Амбасадорите на Италија и на Бугарија имаа дебата со учениците во средното општинско училиште „Коста Сусинов“ на тема „ЕУ за нас“.

– Ова ми е второ доаѓање во Радовиш. Многу ми се допаѓа. Контактот со училиштата е многу важен. Интересот на учениците е голем за соработка со европската делегација. Многу се заинтересирани за Европската Унија и за се’ во врска со неа. Одговараа на тешки прашања. Нивната подгтвеност како да е универзитетска. Честитки за учениците – изјави по дебатата италијанскиот амбасадор Карло Ромео.

На повеќенаменското игралиште на гимназијата се одржаа спортски игри во кои учествуваа 80 ученици од радовишките и од скопските и кочанските училишта, потоа имаше и вело-родео, настан што го промовира велосипедот како средство за еколошки превоз, а паралелно се одржа и еколошка акција на „Кеј 8 Септември“. Имаше и инфограми поврзани со Европа, како и сложувалки со комплетната мапа на Европа…