Повеќе од 50 групни маски и повеќе од 1.500 деца во петокот учествуваа на првиот детски карневал во Радовиш што се одржа под мотото „Да се облечеме во боите на виножитото“. Илјадници радовишани излегоа на улиците да ги видат убавите маски на дечињата.

– После долгогодишна организација на Априлијадата во чест на 1 април, Меѓународниот ден на шегата, таа од годинава прераснува во детски карневал. Иако го организираме првпат, имаме рекорден број учесници – вкупно 1.524 дечиња се маскирани. Најмногу од основните училишта, градинките и од здруженија на граѓани од областа на културата од општината Радовиш, а имаме учесници и маски и од општините Струмица, Пробиштип, Прилеп и од Конче – истакнува Изабела Ангелова, директорка на Центарот за култура „Ацо Караманов“, кој, со поддршка на локалната самоуправа, е организатор на карневалот што ќе биде традиционален.

Ангелова додава и оти веќе аплицирале за прием во Федерацијата на европски карневалски градови. Соседната Струмица со веќе афирмираниот карневал таму одамна членува, а Радовиш очекува да и’ се придружи со детскиот карневал.

Инаку, карневалот годинава се одржува и во чест на јубилејот – илјада години од првото споменување на Радовиш во историјата.

– Општината Радовиш годинава одбележува голем јубилеј – 1.000 години од првото спомнување на градот во грамотата на византискиот император Василиј Втори, па имаме целогодишна програма од настани по тој повод. Еден од првите е радовишкиот детски карневал што се одржува под мотото „Да се облечеме во боите на виножитото“ – вели Игор Чапов, советник за култура во радовишката локална самоуправа.

Манифестацијата почна пред општинската зграда, каде што градоначалникот Герасим Конзулов им го предаде клучот на градот на карневалистите.

– Посакувам денес Радовиш да биде град на насмевките, а овој прв детски карневал да стане уште една нова голема радост на која што сите ќе и’ се радуваме и со која што ќе се гордееме во иднина. Во еден таков дух, почитувани карневалисти, дозволете ми да ви го предадам клучот на градот за со него да го отклучите срцето на секој наш граѓанин и на секој посетител и гостин на градот – рече Конзулов.

Карневалот продолжи со дефиле на учесниците по улиците на градот, па со претставување пред многубројната публика на сите маски пред Центарот за култура и со забава на градскиот плоштад Св. Спасо Радовишки. Најрадосни беа децата, но и нивните родители, публиката, наставниците.

– Сите деца денес се многу насмеани и весели. Нашата маска се вика „Пролет доаѓа“. Учествуваат 21 ученик. На Априлијадата имаат учествувано, но ова е нивен прв настап на карневал и затоа сите деца се многу среќни – истакнува Лефтерка Депова, наставничка по одделенска настава во радовишкото основно училиште „Крсте Петков Мисирков“.

Дел од гостите од Пробиштип, пак, веќе имале карневалски искуства.

– Дечињата од VI-б настапуваат со маската „Стар бакс“, познато светско кафе. Ја подготвувавме повеќе од еден месец. Дел од децата имаат учествувано на карнвалите во Струмица и во Прилеп. Во Радовиш сме првпат – вели Станка Тасевска, наставничка во пробиштипското основно училиште „Никола Карев“.

Еден од пробиштипските шестоодделенци е и Андреј Павлов.

– Работевме еден и пол масец на маските. Ова мене ми е прво учество на карневал – задоволно зборува Андреј.

„Мали индијанци“, „Семафор“, „Весели сообраќајни знаци“, „Здрава храна за детство без мана“, „Струмички шпагети“, се само дел од имињата на вкупно 56. маски. Жири-комисијата имала тешка задача да ги избере најдобрите во силната конкуренција. Во категоријата маска со над 50 учесници првото место и’ припадна на „Никирики-кикирики“ од ОУ „Никола Карев“ од Радовиш; со помеѓу 30 и 50 учесници прва беше „Сонце“ на дечиња од објектот „Цветови“ на радовишката градинка „Ацо Караманов“; со помеѓу 10 и 30  учесници – „Пуканки“ од ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од Радовиш; во категоријата маска со пет до десет учесници прва беше „Еднорог“ од ОУ „Кирил и Методиј“ од Ораовица. Награди освоија и гостите од Струмица, Прилеп и од Пробиштип, специјална награда за иновативност доби маската „Космонаути“ од ОУ „Никола Карев“, а  за подигнување на еколошката свест – „Еко генерација“ од ОУ „Гоце Делчев“ од Конче.