Во текот на викендов непознати вандали искршиле 20 столбови од оградата на пешачата патека покрај реката Брегалница – информира денеска на прес конференција директорот на Јавното претпријатие „Исар“ Штип, Ангел Бојаџиев. Според него, сите корпи за отпадоци се фрлени во реката, скршен е мостот на реката Отиња, а оштетени се и повеќе клупи во паркот во населбата Сењак.

„Граѓаните издвојуваат од своите буџети и даваат пари за плаќање на даноците и ги плаќаат своите сметки редовно, а ние работиме дење и ноќе за да граѓаните можат да рекреираат на патеките. Но, очигледно на некој тоа не му се допаѓа, а не се свесни дека тоа се нивни пари“, изјави Бојаџиев.

Тој најави дека случајот ќе го пријават во Полициската станица во Штип и се надева дека истражните органи ќе ги фатат сторителите на овој вандалски чин. Инаку, штетата која ја направиле вандалите изнесува над 2.000 евра.