Децата од детската градинка „Бамби“ од Македонска Каменица  неделава во рамки на Манифестацијата – „Недела на детето“ ја посетија општината, каде за прв пат се запознаа со институцијата.

При посетата од едукативен карактер, одговарајќи на нивните прашања , градоначалничката Соња Стаменкова им објасни дека помеѓу другите институции во градот и детската градинка е под надлежност на локалната самоуправа.

Општина Македонска Каменица, започнувајќи од оваа година е една од ретките општини во државата која на дечињата од претшколска возраст им овозможува бесплатен превоз до детската градинка и назад до своите домови во приградските населби и селски средини. Како една од мерките со кои Општината им излегува во пресрет на граѓаните.

Неделава покрај Центарот за лица со посебни потреби, дечињата од детската градинка „Бамби“ имаа можност да посетат дел од институциите во градот и тоа: пошта и банка, Дом на култура и Библиотека, како и полициската станица и општинската административна зграда во Македонска Каменица.

Во 1954 година Генералното Собрание на Обединетите Нации го одреди Универзалниот Ден на детето како ден за промовирање на партнерство и разбирање помеѓу децата во светот. Оттогаш 20-ти ноември се развил во ден на кој се фокусирало вниманието на потребите на децата и нивните фамилии. Во 1985, е одлучено да се посвети цела недела по повод правата и потребите на детето.