Жителите на општина Карбинци со поделени мислења. Едни мислат дека во амбулантите мора секој ден да има лекар, за други мобилните лекарски екипи се доволни. Градоначалникот на став, здравствената заштита мора да се подобри, таква каква што е не задоволува.

По однапред утврден редослед  секој ден во текот на работната недела, екипа составена од лекар и медицинска сестра ги посетува селата во атарот на општина Карбинци. Така е уште од 2014 година од кога почна реализацијата на проектот  мобилен рурален лекар во населените места каде што нема постојана здравствена услуга за жителите. Екипата на докторката Милена Серафимова Митрова, ја затекнавме во амбулантата во селото Крупиште. Тука пред пет години имаше докторка која што ја имаше земено амбулантата под концесија и работеше како рурален лекар, но по истекување на договорот таа си замина.

Жителите се известени за нашата работа и ако имаат потреба доаѓаат, тие што не можат ги посетуваме во нивните домови, вели Серафимова Митрова.

„Претежно ни доаѓаат лица со хронични болести. Доаѓаат најчесто за превентивни прегледи, мерење на крвен притисок, гликемија, холестерол во крвта,консултирање во врска со терапијата за болестите кои ги имаат. Се случува да има потреба од давање и аплицирање на ампуларна терапија. Ако во текот на денот се појави некој проблем доаѓаат кај нас на преглед, правиме ЕКГ, ако се жалат на тегови и така …“

Жителите на општина Карбинци со поделени мислења околу ваквиот начин на давање на здравствени услуги. Едни сметаат дека имајќи го во предвид бројот на жители и старосната структура, овој начин е добар, други велат дека лекар секојдневно мора да има.

. . . Според бројот на населението не би требало да има лекарска екипа постојано, но еден ден во неделата треба  . .  Треба да има постојано доктор во амбулантите затоа што не можеме ние да одиме до Штип со патерици да се влечеме по автобусите.Треба да си има постојано доктор,кој ќе се разболе да си оде на преглед во местото на живеење. . . .Имаше порано постојано доктор и постарите одеа,сега нема, а треба да има. Ако човек се разболе треба со такси да оди во Штип. . .-велат жителите на општина Карбинци.

Дека здравствената заштите  на жителите во општината мора да се подобри смета и градоначалникот, Јордан Насев.

„Во делот на здравствената заштита како градоначалник можам да кажам дека не сме задоволни. Во моментов имаме седум селски амбуланти кои се релативно во добра состојба, значи опремени, но ни една не е во функција, немаме доктори. Со поранешната власт која го воведе принципот на матичен доктор, поголем дел од населението од општина Карбинци си избра матичен доктор во Штип така што интерес  за земање под концесија на некои од овие седум амбуланти немаше. Тао значи дека нашите луѓе се принудени, повеќе од 20 километри секојдневно да патуваат до градот Штип.“ образложува Насев.

Лекарите на Мобилните екипи на руралните доктори сметаат дека ваквиот начин на давање на здравствена заштита не секогаш и секаде е ефикасна. Тие можат да издаваат рецепти, но не секоја аптека ги прима и кој е ефектот од нив ако првата аптека е на 20 километри од нивното населено место.

Министерот за Здраство Венко Филипче најави унапредување на здравствената заштита во руралните средини. Веќе се скенира состојбата и се работи на програмата.

„Таму каде што нема доктори, ќе го подобриме патронажниот сервис. Го евалуиравме  точниот број на невработени медицински сестри и друг медицински персонал низ земјата и тоа по општини. Планираме да ги селектираме тие што се заинтересирани соодветно да ги обучиме заедно со УСАИД. Тоа значи имплементирање на нов модел на Пара Медикс и тоа ќе биде еден сервис кој што ќе им биде достапен на граѓаните во нивните домови а како надградба на сегашниот, постоечки  патронажен систем, кој што би се проширил не само за трудниците и доилките туку и на постарите лица“ најави Филипче.

Дали решението ќе биде рурални лекари во руралните амбуланти, мобилни аптеки по руралните средини ќе треба треба да покажат најавените анализи, но едно е јасно жителите и во руралните средини мора да добиваат соодветна здравствена заштита.